Зошто анорексичните модели секогаш ќе бидат најбарани?

22 септември 2016

И додека последниве неколку години сме сведоци на лансирање на голем број брендови за plus – size облека и уште толку повеќе plus – size модели кои навидум изгледаат сосема здраво, модната индустрија воопшто и не се откажа од ангажирањето на анорексичните модели на пистите.

Во едно истражување објавено од долгогодишната новинарка, писателка и уредничка Фиона Мекинтош, таа вели дека анорексичните модели воопшто и никогаш нема да излезат од мода и колку и светот да се бори против тоа, постои мала група на богати луѓе кои ги држи конците во рака.

На актуелните модни недели во некои од најголемите модни престолнини, освен на неколку ревии кои служеа како потсетник за тоа дека нешто се менува, повторно бевме сведоци на многу млади и неверојатно слаби девојки.

Како што Фиона пишува во нејзиното истражување, отсекогаш постоела и ќе продолжи да постои една мала, но неверојатно богата група на луѓе кои важат за најголемите купци на парчињата од модните брендови, кои секогаш ќе речат дека скапата облека подобро им стои на слаби луѓе.

Како резултат на ова, колку и да се обидуваат брендовите да променат нешто и колку и да кажат дека за следната ревија ќе најмат девојки кои изгледаат сосема здраво, сето тоа „паѓа во вода“ кога на крајот на денот ќе сфатат дека всушност таа група е онаа од која тие најмногу зависат.

Во последно време гледаме голем број на светски познати брендови кои се во страшни финансиски кризи, па воопшто и не треба да не чуди што тие секогаш ќе го прават она што богатите го сакаат само за да опстојат што е можно подолго на пазарот.

А со оглед на тоа што оваа група на луѓе воопшто и не се грижи за тоа какви модели ќе им ја презентираат облеката, туку единствено сакаат да го имаат она што е најново, најквалитетно, а со тоа и најскапо, фактот дека анорексичните модели секогаш ќе бидат оние што најмногу ќе се ангажираат воопшто не треба да не чуди.

Во моментов се случува и вистинска трка по нови и што е можно помлади лица за свежина на модната сцена, а со самото тоа што на крајот навистина се ангажираат многу млади девојки кои можеби сѐ уште не се ни влезени во пубертет, мала е веројатноста дека тие ќе израснат во здрави и навидум полнички девојки.

Тие веднаш влегуваат во модната машинерија која едноставно не ти дозволува да направиш ниту еден погрешен чекор, ниту пак да качиш некој килограм, со што сите млади девојчиња остануваат со она слабо и кревко тело кое го имале пред да влезат во пубертет.

Освен неколкуте познати модели кои ретко успеваат да се изборат како ИН во моментот, дизајнерите ретко и да се грижат за моделите и за тоа дали тие се здрави или не, сѐ додека добро ја презентираат нивната облека.

Во едно интервју Карл Лагерфелд даде една многу контроверзна изјава која и не му наштети нешто особено. Имено, на одлуката на најпознатото германско женско списание „Brigitte“ повеќе да не користи слаби модели во едиторијалите туку да ангажира реални и нормални жени, тој ќе каже дека одлуката ја донеле благодарение на „дебелите мумии кои седат дома и јадат чипс додека го читаат нивното списание и го критикуваат“.

„Модниот свет е преполн со соништа и илузии и нема време да се занимава со округли жени“, беше изјавата на дизајнерот по повод одлуката на магазинот.

И додека светот се обидува на секој начин да ги вметне критериумите за малку поздрави модели на пистата, моделите на актуелните модни недели ни го докажуваат токму спротивното.

Како што самите модели ќе кажат, притисокот за време на модните недели е огромен со оглед на тоа што има огромна конкуренција и ако не си доволно слаба, веднаш ќе бидеш избришана од списокот за секое шоу, сѐ додека не изгубиш доволно килограми.

Некои од девојките признаваат дури и дека јаделе памук и хартија за да немаат апетит, особено за време на модните недели кога има најмногу ангажмани.

Голем број луѓе вината ја насочуваат кон модните куќи и дизајнерите кои секогаш произведуваат неверојатно мали бројчиња облека, а дел од вината е и во Британскиот моден совет од каде со само еден збор, може да се донесе забрана за ангажирање на исклучително слаби модели на ревиите со што ќе се покрене и свеста кај девојките за поздрава и подобра исхрана.

Покрај моделите кои решиле тоа да биде нивната работа, модните недели и ревиите ги следат милиони млади девојчиња кои всушност сметаат дека тоа е идеалната слика за тоа како треба да изгледа една девојка и оттука, големите проблеми со анорексијата кај младите генерации.

Плус, сите млади девојки веќе мислат дека секое парче облека стои подобро ако си исклучително слаб, што е уште една огромна заблуда наметната од модната индустрија.

Она на што секоја млада девојка задолжително треба да се насочи е здравата исхрана и онаа богата со работи кои вас ве прават среќни, а облека секогаш ќе се најде.

Здравјето е она што никогаш нема да го вратите ако го изгубите некаде на патот трагајќи по совршената, да не кажам анорексична фигура, само затоа што искинатите фармерки нема да ви стојат добро на нозете со малку вишок килограми кои вие замисливте дека ги имате.

А и да ги имате, веројатно поубаво изгледаат од колената на ултра слабата Стела Максвел, нели? 

Објавено:
22 септември 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.062 пати