Од „спонзоруша“ до „кугарка“: Зошто разликата во години е се' уште „голема“ тема, а жената на удар?

12 август 2021

Брижит и Емануел Макрон, Доналд и Меланија Трамп, Кетрин Зета Џонс и Мајкл Даглас, Џорџ Клуни и Амал... Познати двојки со голема разлика во годините отсекогаш имало и ни изгледа како да не е тема за која би требало да се посветува толку внимание.

Сепак, на прв таков текст што ќе се појави по социјалниве мрежи, повеќето знаат да ја кренат веѓата и да прокоментираат нешто. Ние „налетавме“ на објава од групата Sweet40+ на Фејсбук, каде тема беа Џанлука Ваки (53) и неговата 27 години помлада партнерка Шерон. Се разви дискусија дали во вакви двојки љубовта е пресудниот врзувачки фактор и уште повеќе, дали исто коментираме кога мажот е повозрасниот и кога  е жена.

 

 

Неодамна во медиумите беше актуелна и внуката на Лејди Ди, Кити Спенсер, која се омажи за 33 години повозрасен партнер.

И колку и да мислиме дека вакви примери гледаме често, сепак очигледно не е нешто што ни станува вообичаено и прифатено.

А и статистиките го покажуваат тоа. Имено, едно американско истражување покажало дека само 8.5 брачни двојки имаат голема разлика во годината (повеќе од 10 години), а само 1.3 проценти кај тие двојки жената е повозрасната - податок што не не' изненади многу.

 

Нивниот сексуален живот, секојдневие, разговори се само дел од работите кои будат интерес кај „публиката", многу повеќе отколку што веројатно двојките имаат проблем.

Беверли Палмер, професор по психологија на Универзитетот во Калифорнија смета дека некои од добрите страни на таквите врски можат да се објаснат со теоријата на социјална размена. Во клише варијанта на таква врска, која според професорката e и најчеста - младата убава жена го менува својот изглед и младост за имотноста која со себе ја носи повозрасниот маж. Ако и на двајцата тоа им одговара, тоа значи дека секој од нив од таквата врска добива нешто позитивно за себе. Но, ова не може да се примени секако на сите врски со голема разлика во годините.

Од друга страна, негативните страни на таквите врски се, на прво место, општественото негодување, предрасудите, особено ако разликата во години е поголема од 15.

„Чест коментар или заклучок, сосема неоправдан, на чија сметка се оди и со подбивање е дека младите партнерки во таквите врски имаат  „проблем со татковската фигура“, односно во партнерот бараат „татко“, иако постојат истражувања кои таквите коментари ги класифицираат како сосема неосновани“, вели доктор Палмер.

Од друга страна, психотерапевтка и експерт за врски, др. Марни Фројман вели дека во својата пракса се сретнала со многу такви случаи и ова е нејзиниот заклучок.

„Понекогаш таквите разлики во возраста и фазите, можат дополнително да ги зголемат предизвициите кои таквите врски ги носат. Не би сакала некого да обесхрабран, но треба да се биде реален и да се увиди дека кога еден од партнерите длабоко ќе стапне во староста, на другиот му остануваат две можности - да остане вдовец/вдовица односно негувател/негувателка, а ниту едното ниту другото е перспектива на која една млада личност би ѝ се радувала“.

Стручњаците се согласуваат во тоа дека двојката во која мажот е многу повозрасен од жената предизвикува помал шок и негодување на околината отколку кога се работи за обратен случај. Тоа е и почеста комбинација, а и пологична од биолошка гледна точка бидејќи постариот маж може да има дете со помлада жена, а во обратен случај тоа е малку потешко.

Уште поинтересен е фактот дека мажите и жените се прилично толерантни кога се работи за разлика во годините во нивната врска, но имаат многу помалку разбирање кога се работи за врска на некои други луѓе - прилично лицемерно, ќе се согласите. 

Но, кога се коментира, жените се повеќе на „удар“ и најчесто се изложени на разни погрдни зборови. Или се “трофеи“ „спонзоруши“ или се „кугарки“. Причините за тоа се гледаат во тоа што жената е таа што го прави изборот со кого ќе биде (според струката, мажите освојуваат, но жените дозволуваат да бидат освоени), а тука е и позицијата на жената низ годините, па „природно“ се наметнува да се „удира“ по неа како по „послаба“ (во различни контексти - економски, општествено...).

Двојните стандарди се сеприсутни во општествата и тоа е една од причините поради кои овие теми нема наскоро да изгубат на актуелност. Од друга страна, како велат психолозите, луѓето многу често имаат потреба да бараат проблем/незадоволство/осуда/ во туѓите приказни, за да ги прекријат своите. Чувството да бидеме подобри во нешто, односно така да се чувствуваме некогаш е посилно од реалното согледување. Можеби двојките со разлика во години се отстапка од „нормалното“, но за струката посериозен проблем е потребата тоа да се навреди бидејќи најчесто произлегува од чувство на несреќност, чувство на помала вредност...

Што мислите вие?

 

Објавено:
12 август 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
4.297 пати