Зошто сите ликови на Дизни немаат мајки?

29 март 2019

Ако сте обожавател на филмовите на Дизни, тогаш веројатно сте забележале дека најголемиот дел од ликовите најчесто се одвоени од нивните мајки или ги немаат воопшто.

Истото се случува и во едно од последните остварувања кои го режираше големиот Тим Бартон, за слончето Дамбо - тоа повторно е одвоено од неговата мајка, а двете дечиња кои се грижат за слончето, воопшто немаат мајка.

Враќајки се наназад, ако се потсетиме на некои од нивните најпознати цртани филмови, ќе видиме дека главните ликови најчесто ја имаат истата судбина кога се родителите во прашање.

За магазинот „Вог“, Бони Руднер, професорка која се занимава со ликовите на Дизни, потсетува дека ниту сирената Ариел, ниту Бела, ниту Јасмин, Аладин, Пепелашка, Црвенкапа... немаат мајка во цртаните.

Мајката во новиот Мери Попинс, исто така e почината. Малото срниче Бамби останува без мајка во текот на дејствието, кога таа ќе биде застрелана пред неговите очи, а тоа е дефинитивно една од најтажните сцени било кога направени.

Ова е случај со најголемиот дел од цртаните на Волт Дизни. Почнувајќи од 1937 – та кога е снимена Снежана која исто така останува без мајка и бега од маќеата.

Професорката Руднер за „Вог“ вели дека мора да постојат други начини на кои може да се направи добра и вредна сторија за гледање, отколку тоа во секој цртан, ликовите да немаат еден или двајца родители.

Таа посочува дека најверојатно секој родител кој со своето дете ќе гледа било кој од овие цртани, кога – тогаш ќе мора искрено да му одговори каде се мајките на Елса, Ана, Белa...

„По некое време, кога ќе наполнат пет или повеќе години ќе мора да бидете искрени и да им кажете каде се нивните мајки и да престанете да им велите дека се на работа, дека излегле надвор и слично“, вели таа.

Една од теориите зошто се случува ова, вели дека е поради тоа што од Дизни не мислат дека мајките се важни.

„Ова можеби е вистина, бидејќи ако во некој од цртаните има мајка како лик, таа секогаш има многу малку реплики или пак нема воопшто. Мулан има мајка, но таа воопшто не ја отвора устата. Мајката на Заспаната убавица воопшто нема име“, вели таа.

Објаснува дека во речиси секој филм или цртан, Дизни како да ги маргинализира мајките. Тие никогаш немаат главна улога, секогаш бегаат и се плашат од нешто или пак се прикажани како злобни кралици.

Друга теорија е онаа која вели дека Волт Дизни ги исклучува мајките од речиси секој цртан филм, поради трагичната смрт на неговата мајка.

Имено, таа загинала во страшен пожар предизвикан од гас во куќата која тој им ја купил на неговите родители за нивната 50 годишнина од бракот.

По пожарот, тој се чувствувал виновен за смртта на неговата мајка до крајот на животот, иако пожарот бил предизвикан од сосема други причини.

Ако гледаме на новите остварувања на компанијата, очигледно е дека оваа пракса нема наскоро да престане, иако оние за кои се наменети истите, продолжуваат да прашуваат зошто нивните омилени ликови најчесто се оставени сами.

Инфо: Vogue

Објавено:
29 март 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.330 пати