Тони Матичевски ја покажа својата магија на модната недела во Сиднеј

14 април 2015

Токму со синтагмата „Магијата на Матичевски“, беше опишана новата колекција на дизајнерот со македонско потекло. И тоа не само поради фактот што манекенките носеа во рацете кристални топки. Медиумите во Австралија, а и пошироко уште еднаш му ја дадоа својата наклонетост.

На вториот ден од модната недела во Сиднеј, Тони Матичевски ја претстави колекцијата за пролет-лето 2015/16. Она што се забележува веднаш е употребата на материјали со футуристички дизајн, како и светкави ткаенини. Дизајнерот и овој пат останува доследен на употребата на црната, бела и сива, а ги „меша“ со златна, сребрена, но и пастелни нијанси.

Матичевски ги ремодернизира средновековните силуети со нова, по малку спортска линија. Строги кроеви речиси и да не постојат, па во голем број од креациите доминираат преклопи и набори, Миксот на злато, светки, тул и памук создаде краен ефект на женственост и елеганција.


Покрај асиметричните креации, внимание привлекуваа и мрежестите здолништа и куси горни делови, како и златните креации.

На тој начин дизајнерот успеа да направи спој на традициоанлното и футуристичкото и да му даде нова визија. Креациите во пастелни нијанси, цветни принтови и тул внесоа доза на нежност во колекцијата.

Во фокусот беа и модните додатоци односно детали, како златниот куфер, ѓерданите и веќе споменатите кристални топки.

Покрај Рејчел Финч која носеше негова креација, на ревијата на Тони се појавија и модната уредничка Кристин Дентенара, уредникот на GQ, Ник Смит, како и моделите Џема Ворд и Никол Трунфио.

Тони со Рејчл Финч Тони со Рејчл Финч

Никол Трунфио, Гери Кларк и Џема Вард Никол Трунфио, Гери Кларк и Џема Вард

 

Уште еден интересен податок врзан за оваа ревија е што дизајнерот на сите гости од првиот ред им овозможи дополнително уживање во креациите благодарение на таблети во вредност од речиси 900 долари, кои ги добија на подарок.

И покрај малиот инцидент и исчезнувањето на неколку таблета од шоуто, успехот на дизајнерот не беше ни малку засенет.

Објавено:
14 април 2015
Категорија: 
Колекции