Проект „40-те се новите 20-ти

Самодовербата е во главата, не во градите!

Интервју со
Лила Стојановска
15 октомври 2015

Тие имаат кредибилитет да кажат да или не, без објаснување. Нивната привлечност е нивната самодоверба, сигурност во себе, во својот став кон животот. Тие го достигнале зенитот на нивната женственост и сега го уживаат секој момент и привилегија на нивната петта деценија од животот. Fashionel им се посветува на жените во нивните 40-ти години со нов циклус на интервјуа во кои наши хероини се дами кои нè инспирираат нас, што сме во 20-тите или 30-тите години.

Во денешното интервју, ви ја претставуваме единствената Лила Стојановска која на своите 44 изгледа подобро од кога и да е. Сосема случајно, интервјуто и фотосесијата ги објавуваме на нејзиниот роденден, со што и посакуваме уште долги години да остане таква каква што е, да нѐ забавува во уште безброј емисии и да биде уникатна и единствена како и досега. Во искреното и комично интервју разговаравме за најактуелното – пластичната операција, нејзиниот син Филип, патувањата, желбите и љубовта како нејзин најголем двигател во животот.

За ова и сѐ останато, прочитајте во продолжение! 

-Што научивте од животот досега?

Знам дека имам уште многу за учење. Можеби можам да кажам дека после 40 – тата навистина влегов во една позрела фаза, но не можам да кажам дека сум научила навистина многу. Забележувам дека сѐ уште правам многу грешки, сфаќам дека можам да дипломирам на нив, но морам да кажам дека не се грижам многу за тоа, бидејќи таква сум и едноставно не сакам ништо да сменам, само сакам да го правам она што ме прави среќна, па макар тоа биле и грешки. Единствено нешто што научив, е да си ги одбирам пријателите. Направив еден мал, но навистина квалитетен круг на пријатели и научив да ги распознавам луѓето според нивната енергија.

-Ве плаши ли стареењето?

Да бидам искрена, не сум во некој паничен страв, можеби затоа што имам среќа што според мојата генетика сѐ уште изгледам помладо од она што сум, освен ако не ме лажат моите пријатели кои тоа го кажале. Но, кога ќе ја погледнам мајка ми и нејзините 70 години, си велам: „Ако јас изгледам вака на 70 години, ништо не ме плаши“. Важно е што во денешно време, навистина постојат и многу начини за, не да го спречиме, туку да го забавиме стареењето. Морам да признам дека преземам многу адекватни мерки за да го направам тоа. Воопшто не се плашам од пластични операции. Од млада велам дека не само јас, туку секој човек кој може да поправи нешто на себе, не треба да се мисли. Ако нешто нѐ фрустрира на нас самите, а можеме тоа да го смениме, тогаш воопшто не треба да размислуваме. Ако нешто сметам дека би можело да биде подобро кај мене, тоа е мојата висина од 1.66 м. или метро и желба за растење, како сакате...Се сеќавам на оние шпекулации на времето дека сум ги продолжила нозете и не знам што сум правела, значи тоа беше една таква небулоза и неинформираност на луѓето... Сакам да кажам дека тоа го компензирам со високи потпетици и затоа ми страда половината, бидејќи тоа е еден поврзан процес, иако морам да кажам дека се навикнав и не ми пречи. Пред неколку месеци решив да направам една промена во обемот на мојот граден кош и тоа го направив, односно го исполнив она што го кажував со години. Она што мене во еден момент почна да ме фрустрира, јас тоа го поправив, така што поентата ми е дека така ќе биде и понатаму.

-Како се решава човек на таков чекор, тешка ли е одлуката?

Никогаш не можеш да знаеш кога е вистинскиот момент, само треба да ти се спојат коцките од мозаикот. Да бидам искрена, јас ова го мислам неколку години наназад. Ме нервираше фактот што, со оглед на моите постојани снимања со квизот Елена Лука веќе не знам што не направи за мене, за да бидам поразлична и поинаква за секое снимање. Одев со полна торба градници на снимање и пред секој фустан менував прерамки, ставав други, па вадев и слично... Сфатив дека има еден многу поедноставен начин да го средам тоа, како што го средиле милион жени во светот.  Ми беше важно каде ќе го направам тоа, бидејќи тоа е нешто што не се прави секој ден и не смееш да се ставиш во ситуација да си направиш непотребни проблеми. Реално, таквата операција е ставање на „трн во здрава нога“ и треба добро да одбереш каде ќе ја направиш. Многу често гледам емисии со таква тематика, како на пример Botched, и си велев дека секому може да му се случат различни проблеми, доколку не го одбере вистинскиот доктор и место, и не ми беше едноставно да се одлучам, бидејќи јас сум и поранешно медицинско лице, и знам точно што значи тоа. Најдов одличен доктор, погледнав негови дела, бев на консултации, дознав со каков материјал работи и сѐ останато и сфатив дека сега е моментот. Парите во тој период не ми беа проблем, ги имав, и си реков дека штом сега сѐ се поклопи, морам да го искористам тој момент. Морам да кажам дека спаѓам во онаа група жени кои навистина имаа среќа со таа операција.

-Какви беа реакциите по зафатот?

Кога ќе сфатиш дека цела Македонија три дена само зборуваше и пишуваше за тоа, нема што повеќе да се каже...Од една страна ќе кажам, „Аман, луѓево најдоа вода на Марс и ќе се селат, а ние уште зборуваме за гради“, а од друга страна си велам: „Им благодарам што и по 20 години се грижат за она што и како сум направила“. Мислам дека не постои човек во Македонија кој не знае што сум направила или кога ќе поминам не ме погледнува прво во градниот кош, а потоа ми прави муабет. Јас не инсистирам на експонирање, напротив, и тоа е само уште еден доказ зошто јас ја направив операцијата.

-Задоволна ли сте со себе?

Морам да признаам дека и пред да го направам зафатот, јас бев задоволна со себе. Познавам некои мои пријателки кои го имаат направено истото, кои ми велеа дека ќе се чувствувам многу поинаку, многу подобро, но искрено, нема некоја посебна разлика. Самодовербата е во главата, не е во големите гради или во убавите нозе. Не би рекла дека градите ќе ви дадат самодоверба, јас сум ја имала и претходно, а сега само поубаво се чувствувам и носам помалку градници на снимање (се смее). Мојата цел не беше да изгледам вулгарно и нападно, туку едноставно да бидам задоволна и да ми биде полесно тоа секојдневно снимање и сликање. За самодовербата уште еднаш ќе кажам дека ако ја имаш изгубено, немој да ја бараш во пластичните операции, едното не оди со другото.

-Што Ве исполнува денеска?

Ме исполнуваат неколку работи, нешто за што сама сум се борела и сум се изборила...Јас сум многу горда прво на себе што без ничија посебна помош, освен онаа од најблиските, си го живеам животот што сакам да го живеам, ја работам работата што ја сакам, а ретко кој го прави тоа во оваа држава. Заработувам сосема солидно за еден нормален живот за мене и моето дете, тој е воспитано и културно момче кое веќе има 21 година, и постојано му велам да внимава што прави бидејќи сега е полнолетен и по американските закони (се смее). Тој студира, ме слуша, ме почитува...

Јас сум заљубена, исполнета сум и на тоа поле. Имам пријатели кои не се многу, но тие се навистина мои, кои не ми ја одземаат енергијата кога сум со нив, туку после дружбата се чувствувам како некој кој има дополнителна енергија за уште неколку дена. Не можам да се пожалам за она што сега ми се случува во животот, само сакам уште малку повеќе пари за да можам да шетам (се смее). Купувањето гардероба го надминав, не сум веќе толку навлечена на тоа дека морам да го имам секое парче што ќе ми се допадне. Едноставно, тоа го надминав со прекрасните фустани на Елена Лука од каде ми прават околу 200 на годишно ниво и немам желба да купувам фустани, сѐ што сакам тие може да ми го направат и сум го облекла, не постои фустан што не сум го облекла во било која варијанта. Сакам да кажам дека драго ми е што веќе не трошам толку пари на облека, туку повеќе на некои други задоволства што ме исполнуваат, а тоа се дефинитивно патувањата на некои нови дестинации.

-Што претставува љубовта за Вас?

Иако звучи малку здодевно, таа е убав двигател на животот. Убаво е кога ќе отвориш очи и знаеш дека те чека некоја порака која што ќе ти го направи убав денот, некој навистина мисли на тебе, ако сакаш да одиш на ручек можеш тоа да го направиш со твојата втора половина, можеш да одиш на кино и да правиш уште многу други работи. Во животот сум била заљубена, сум била и два пати мажена, нешто што е јавна тајна, исто како и градниот кош, и тоа е нешто што не се заборава и постојано се повторува. Без разлика дали се работи за разводи на познатите, за жени што излегуваат со помлади мажи, за пластични операции, тука сум јас да ме споменат (се смее). Да се навратам на темата, секогаш во животот сум имала некој кој ќе ме третира убаво и секогаш сум им велела: „Од тебе, не барам ниту пари, ниту автомобил, ниту стан да ми купиш, ниту дете, сѐ тоа имам, од тебе барам само да се грижиш за мене. Сакам да ме разгалуваш, сакам да бидеш внимателен, а ако не си подготвен тоа да го правиш, немој воопшто да ми го губиш времето“. Во животот, не научив да земам од никој ништо и убаво ми е. Никому ништо не сум должна, што сум можела, колку сум можела, сум направила сама...

-Го споменавте вашиот син Филип, како реагираат неговите девојки на Вас?

Филип е прилично моногамен, што ме изненади, со оглед на тоа што е машка Вага. Има девојка повеќе од година, која што јас ја бендисувам, а и да не ја бендисувам, тоа воопшто не треба да го интересира и тоа сум му го кажала. За сѐ што направил досега, јас апсолутно го подржувам, тоа е негов личен избор. Тој веќе е возрасен и сам си одговара за неговите постапки, неговиот љубовен живот мене не ме интересира, само сакам тој да е среќен. Девојките на почетокот се прилично срамежливи, затоа што јас оставам впечаток на онаа свекрвата од филмот „Monster in Law“ со Џенифер Лопез, мислам дека потсетувам на таа, не знам зошто (се смее). Но, после некое време се опуштаат затоа што и јас сум таква со нив, каква што сум и со Филип. Имам прекрасен однос со мојот син, морам да кажам дека сум се нашла во ситуација јас на него да му се исповедам за љубовните маки, а во еден момент, за едно мое поранешно момче ми кажа дури и дека неговото однесување изгледало како да е помлад и од него и јас му раскинав во истиот момент (се смее). Филип израсна со мене и со моите пријателки и пријатели, ние сѐ си кажуваме меѓу себе, а и да сакам да скријам нешто од него, не можам. Тој е најважниот маж во мојот живот.

-Сметате ли дека 40 – тите се новите 20 – ти?

Би рекла 30 – ти. Ако зборуваме за физикус и слично, мислам дека можеме да се „вадиме“ со тоа дека ние жените, 40 –тите ги доживуваме како новите 30 – ти, а јас така и се чувствувам.

-Поголеми ли се предизвиците и амбициите во овие години?

Не, само сега сум поконкретна во амбициите, бидејќи порано сум лутала, не сум знаела што точно сакам и што ме интересира. Бидејќи сум Вага во хороскоп, ќе мерам, ќе премерувам и на крај пак ќе ја утнам работата, како со мажите (се смее). Но, сѐ што се случило, сметам дека така требало да биде. Секогаш сум била амбициозна, но во денешно време сум многу пореална и знам точно што може, а што не може. Ако порано сум знаела дека нешто не може, јас сум одела со глава во ѕид, но сега сум посмирена, посталожена, па ако на 44 не си, нема кога (се смее).

-Сексот на 40 или на 20?

Сексот нема врска со возраста. Повторно ќе кажам, како што е самодовербата работа на состојбата на умот, така е и сексот. Може некој да те привлече само откако ќе му ја доживееш енергијата и колку тебе ти се допаѓа, а не дали е згоден и каков е сексот со него. Дефинитивно, повторно ќе кажам дека сексот нема врска со годините, ниту со статусот, ниту со ништо и јас стојам зад тоа, значи за мене нема разлика, кога ќе се споредам пред 10 години и сега, таа сум (се смее). Тоа е така можеби заради тоа што одбирам партнери што ми одговараат.

-Омилени жени во 40 – тите...

Пред некое време ја коментиравме Џенифер Лопез која е една од најубавите жени во нејзините години. Што и да прави, таа многу малку се менува. Нема никаква разлика и во онаа неверојатна, позитивна енергија што ја има на сцената. Не знам дали Анџелина Џоли има 40 години, но ми се допаѓа нејзиниот стил на ледена кралица и тоа е она што го почитувам кај неа. Од моделите ја сакам Хајди Клум, роди четири деца, како да не роди ниту едно, си го тера животот едноставно...Тоа се тие типови на жени, кои не дека мене ми се пример, туку едноставно, веднаш ми текнува на нив кога ќе зборуваме за жените во 40 – тите. Но, ако некоја според мене, не е променета, тоа е Наоми Кембел, таа жена целиот живот е иста, неа ја обожавам и ѝ завидувам.

Стајлинг: fashionel.mk

Соработници: Fashion Group, Елена Лука

Мakeup: Елена Лука

Објавено:
15 октомври 2015
object(stdClass)#467 (8) { ["nid"]=> string(5) "12205" ["ga_count"]=> string(4) "9003" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1684447200" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1684447200" ["fb_count"]=> string(4) "1138" }
Прочитано:
9.003 пати