Модерни во секој период од бременоста

27 август 2013

Бременоста е посебен период во животот на секоја жена кога таа зрачи со единствена енергија независно од тоа како е облечена. Но, сепак таа треба да се чувствува удобно, практично и лесно да функционира, но истовремено и да изгледа привлечно. Еве неколку совети како да го постигнете комплетниот ефект.

 

Прво тромесечје

Првите три месеци од бременоста, можеби и никој нема да забележи, но сепак доволно е што вие самите сте свесни за вашата состојба. Доколку веќе не се чувствувате удобно во омилените фармерки треба да имате во предвид дека никогаш не е рано да купите облека соодветна за бременоста: труднички панталони или здолниште со појас, парчиња облека кои секако ќе ги користите во поодминатиот период од бременоста. Задолжително купете памучен брусхалтер со оглед на тоа дека во оваа состојба градите се многу почувствителни. Во однос на трендовите, лесно ќе се прилагодите дури и на актуелните тенденции ако изберете туника или широка маица со интересен принт, а доколку сакате да ги покажете вашите нови атрибути изберете фустан со V израз и со должина до колена.

Второ тромесечје

Сега кога веќе сте трудница со “стаж”, внимавајте на здравата исхрана и никако не смеете да си дозволите да го игнорирате својот изглед. Напротив, време е да се покажете во најдобро светло. Ако во вашиот гардеробер недостасуваат удобни, еластични парчиња од природни материјали, време е за сериозен шопинг. Со оглед на тоа дека температурата е пријатна може да изберете фустани изработени од материјал со средба дебелина, но доколку најчесто комбинирате панталони, тогаш имајте на располагање различни горни делови: кошули, болера, обични маички или такви на преклоп.

Трето тромесечје

Во последните три месеци од бременоста најзначајно е да се чувствувате пријатно. Тешките чевли заменете ги со лесни балетантки кои ќе може сами да ги облекувате без ничија помош. Макси здолништата не само што се апсолутен хит, туку за вашата состојба се најсоодветен избор, во различни бои и дезени. Доколку во текот на бременоста сте добиле некој килограм вишок, со ова парче облека лесно ќе го покриете. Истото важи и за туниките кои може да ги комбинирате со хеланки или панталони. Бидете задоволни со себе и во последните денови од бременоста.

 

 

Објавено:
27 август 2013
Категорија: 
Тренд