ЕЛЕНА ЛУКА, нашиот најпознат, етаблиран и уникатен моден бренд и оваа година ќе биде поддржувач на Виенскиот бал, кој традиционално по 23-ти пат ќе се одржи на 11-ти мај во хотелот Александар Палас во Скопје. Освен водителката, која ќе ја носи најексклузивната тоалета, во креации на ЕЛЕНА ЛУКА ќе се појават и дел од дамите гости на настанот. Во текот на настанот, гостите ќе имаат привилегија да бидат сведоци и на ексклузивна модна ревија на ЕЛЕНА ЛУКА, на која ќе презентира вистински гламур и раскош.
Вчера, по тој повод, имаше прием во Резиденцијата на Австриската амбасада од страна на амбасадорот Мартин Памер и неговата сопруга Аида Памер, каде присуствуваше и ЕЛЕНА ЛУКА со авангардна презентација на уникатни луксузни креации, со цел гостите кои беа дојдени од Австрија да се запознаат поблиску со гламурозноста на креативниот моден свет на брендот.
Имавме прилика да разговараме со ЕЛЕНА ЛУКА, која ни откри и дел од деталите за претстојната гламурозна ревија на вечерашниот Виенски бал.
"Соработката со Австриска амбасада и поддршката на Виенскиот бал трае уште од самото формирање на ЕЛЕНА ЛУКА, и сметам дека тоа е еден одличен, уникатен и раскошен настан. Колекциите коишто ги работи ЕЛЕНА ЛУКА, а подразбираат луксузна линија, се апсолутно соодветни за настани како Виенскиот бал и затоа сме секогаш поканети од Австриската амбасада и голема е честа што сме и оваа година повторно тука. На Виенскиот бал, ЕЛЕНА ЛУКА ќе има ексклузивна модна ревија со одлични, сериозно селектирани парчиња, ќе презентираме висока мода и рачна изработка на околу 20-тина парчиња, а воедно голем дел од дамите гости на настанот повторно ја избраа ЕЛЕНА ЛУКА за свој стилист, така што ЕЛЕНА ЛУКА со сигурност повторно ќе го преплави со убавина Виенскиот бал." – изјави ЕЛЕНА ЛУКА. "Голема благодарност до австрискиот амбасадор и неговата сопруга, кои се прекрасни луѓе и големи почитувачи на модата, како и перфекционисти во сето она што го работат, вклучително и во модата и визуелниот израз на поединецот, и даваат еден посебен карактер преку оваа соработка на сето она што ЕЛЕНА ЛУКА го работи." – додаде таа.
Во преубавиот амбиент на резиденцијата, моделите од ЕЛЕНА ЛУКА прошетаа пред присутните гости во прекрасни креации кои соодветствуваат со целата магија на Виенскиот бал, виенската култура и традиција. Ова е многу значајна соработка за промоција и за размена на културни вредности помеѓу нашите пријателски држави.
"Мислам дека Виенскиот бал што ќе се случи по 23-ти пат во Скопје ќе биде успешна и убава вечер, а ние од година во година се трудиме да биде уште подобро, да има повеќе луѓе и да биде позабавно. Мојата лична визија е да го направиме балот во Скопје исто како што е во Виена и сѐ повеќе луѓе да танцуваат, затоа што Македонија е позната по добра музика и по луѓе кои сакаат да танцуваат. Јас сум од неодамна австриски амбасадор во Македонија, но се чувствувам како со години да сум тука затоа што ми е преубаво во Македонија." – изјави господинот Мартин Памер, амбасадорот на Република Австрија во Македонија. Неговата сопруга, госпоѓа Аида Памер, којашто ќе биде облечена во ексклузивна креација на ЕЛЕНА ЛУКА, изјави дека е пресреќна што ќе биде дел од Виенскиот бал во Скопје. "Ова ќе ми биде првпат да присуствувам на Виенскиот бал во Скопје и многу се радувам. Многу сум задоволна од креациите на ЕЛЕНА ЛУКА, многу ми се допаѓаат и многу се радувам дека на Виенскиот бал ќе носам токму креација на ЕЛЕНА ЛУКА и дека ќе бидам дел од сето ова." – изјави таа.
Подготовките за Виенскиот бал во ЕЛЕНА ЛУКА, како и за сѐ секогаш, се со голем интензитет, на едно високо професионално ниво, но и полни со креативност, возбуда и задоволство. Поразговаравме и со Ана Дилберовска, проект менаџер на ЕЛЕНА ЛУКА за Виенскиот бал: "Целиот тим од ЕЛЕНА ЛУКА беше ангажиран за еден настан како овој, ЕЛЕНА ЛУКА ќе носат не само девојките на ревијата, туку и дел од дамите гости и се надевам дека ги задоволивме критериумите затоа што не одевме само со нашиот заштитен печат, туку внимававме и протоколите да бидат запазени. Виенскиот бал означува отменост и грациозност, и затоа гледавме нашите ексклузивни модели да бидат комплетни во секој поглед, деталите нема да ги откриваме, ќе оставиме гостите да погледнат самите." – ни сподели Ана.
Виенскиот бал ќе биде под заедничко покровителство на Амбасадата на Република Австрија во Скопје, Министерството за култура на Р.С.Македонија и на Градот Виена, а во организација на Здружението за културна соработка Јохан Штраус. И оваа година, како и претходните, водител на настанот ќе биде прекрасната Вера Мештеровиќ.
За потсетување, дрес кодот за овој свечен настан е свечена долга тоалета за дамите, и смокинг, темно одело или униформа за господата. Ќе може да се погледнат танцовите точки на танчерите од Танцова школа "Прима Данца", а свој настап ќе има и Националниот балет, како и танчери од ТСК Шварц – Вајс Виена.
Во продолжение погледнете ја галеријата од приемот во Резиденцијата на Австриската амбасада по повод вечерашниот бал.