На 11-ти мај, во хотелот Александар Палас, по 23-ти пат се одржа Виенскиот бал. Нашиот најдобар моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА, како и секоја претходна година, беше поддржувач на настанот, а проблеска и преку креации кои ги носеа водителката на настанот Вера Мештеровиќ, дел од дамите гости, а имаше и гламурозно претставување со спектакуларната модна ревија.
Имавме ексклузивна можност да поразговараме со ЕЛЕНА ЛУКА и да ги сподели со нас деталите околу соработката со Виенскиот бал и впечатоците по тој повод.
"ЕЛЕНА ЛУКА и оваа година беше дел од овој ексклузивен настан како што е Виенскиот бал што е единствен од таков тип во Македонија, а на кој веќе 15 години сме поддржувачи. ЕЛЕНА ЛУКА има единствена можност токму на Виенскиот бал да го презентира својот најлуксузен програм што го работи како модна куќа, а тоа е високата мода и генерално луксузната облека. Во контекст на тоа, би истакнала дека ова беше уште еден успешен настан со преубави гости, меѓу кои австрискиот амбасадор и неговата сопруга кои се прекрасни луѓе и високо модно профилирани личности кои имаат сериозен сенс за естетика, па веднаш ја препознаа работата на ЕЛЕНА ЛУКА. Прекрасно е чувството да се биде повторно дел од овој настан и за нас е сериозна верификација за сите наши креативни потфати. Вечерва, на нашата модна ревија продефилираа 10-тина модели, но и околу 10-тина кои беа како дел од логистиката на организаторите на настанот и кои носеа наши креации, а воедно и многу прекрасни дами кои присуствуваа, како и секоја година, така и оваа носеа наши креации од најновите колекции специјално дизајнирани за овој Виенски бал. Мислам дека направивме една прекрасна вечер и дека ЕЛЕНА ЛУКА уште еднаш покажа дека е на врвот на модата во Македонија, а и пошироко, затоа што нè познаваат и луѓето надвор од државата." - изјави ЕЛЕНА ЛУКА.
"Исто така, би сакала да додадам дека ЕЛЕНА ЛУКА била дел од Виенската традиција на балови во Виена, и како тим сме биле гости на прекрасно организирани Виенски балови, кои и во Македонија имаат тенденција да се пресликаат комплетно, и тоа со хуманитарен карактер, каде ЕЛЕНА ЛУКА исто така земала учество преку донации на фустани. Виенскиот бал ми дава голем оптимизам, особено затоа што и во директна комуникација со амбасадорот ни кажа дека има тенденција да го развива Виенскиот бал во Скопје и на повисоко ниво, ценејќи ја притоа и работата на ЕЛЕНА ЛУКА и согледувајќи го нашиот голем ентузијазам како тим што сака да создава прекрасни креации, така што допрва ќе работиме на настани што ќе бидат атрактивни за модерната македонска жена, за жената којашто сака да носи луксузна тоалета, за сето она што ЕЛЕНА ЛУКА го работи, и за балски фустани. Тоа е секако нашата основна дејност и од самиот почеток ги работиме ваквите ексклузивни креации, така што за нас е еден вид провокација и мотивација која што е секогаш тука и жива и ќе продолжиме да твориме во таа смисла." – додаде таа.
Ја имавме честа да се запознаеме со австрискиот амбасадор Мартин Памер и неговата сопруга Аида Памер и да поразговараме за Виенскиот бал во Македонија, како и за нивните впечатоци и позитивни коментари за нашиот моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА и за гламурозноста на модната ревија со која се претстави на балот.
"Да бидам искрен, не очекував дека во Македонија постои толку добар моден бренд за креации и балски фустани за дами, и за нас е огромна чест што ЕЛЕНА ЛУКА е дел од оваа приказна и што со своето спонзорство допринесува за реализацијата на овој бал. Посебно ми се допадна што вечерва имавме модна ревија со преубави македонски девојки, и кога ги видов се сетив на две македонски песни – "Македонско девојче" и "Зајди зајди" и вистински ми го допреа срцето. Како Австриец, мене ми е преубаво што сум тука кај вас, затоа што сте топол народ и гостопримлив, но мислам дека најважно е повеќе да се сака Македонија и да се почитува нејзиното минато и наследство и да работиме за иднината. И како голем дел од тоа е светскиот моден бренд ЕЛЕНА ЛУКА, така што и за следната година планираме модно случување во склоп на Виенскиот бал и планираме да поканиме уште повеќе гости од Австрија и од цел свет за да видат и тие што работиме." – ни ги сподели своите впечатоци господинот Мартин Памер.
Сопругата на австрискиот амбасадор, пак, госпоѓата Аида Памер, изгледаше волшебно во креацијата што заедно со тимот на ЕЛЕНА ЛУКА ја избрале за оваа пригода. Беше повеќе од среќна и горда што е и таа за првпат дел од Виенскиот бал во Скопје и што токму за ваква свечена пригода носи креација од ЕЛЕНА ЛУКА.
"Им честитам на организаторите, на градот Скопје и на Македонија за вечерашниов настан, сè е на едно високо, светско ниво. Кога првпат дојдов тука, се возев со такси и случајно видов голем натпис ЕЛЕНА ЛУКА со прекрасни фустани во излогот и веднаш посакав да отидам и да погледнам нешто за себе од тие креации што се за секоја жена која сака да се чувствува убаво и самоуверено. Што се однесува до креацијата што вечерва ја носам, а е со печатот на ЕЛЕНА ЛУКА, можам да кажам дека е прекрасна, удобна и лесна и го има сето она што на една жена ѝ треба за да се чувствува сигурно и удобно." – ни ги сподели своите емоции госпоѓата Памер.
"Госпоѓа Аида е посебна жена и како сопруга на австрискиот амбасадор остава специјален впечаток затоа што е многу природна. Таа е на една сериозна позиција и со голем кредибилитет, но е многу природна, своја и полна со љубов. Секоја креација на ЕЛЕНА ЛУКА ја носи божествено затоа што ѝ дава посебен карактер со посебна енергија и сметам дека за Виенскиот бал направивме една одлична комбинација со прекрасна боја што одговара на тенот на Аида, со преубава изработка во пределот на деколтето и со мали акценти на накит и со сето тоа таа изгледа прекрасно. Сметам дека не само што естетски беше на највисоко ниво, туку и во функционалниот дел креацијата си ја заврши одлично задачата, како што и сите можевте да видите на првиот валцер што го одиграа со господинот Мартин Памер. Во иднина очекувам уште многу соработки, затоа што не само што госпоѓа Аида е високо модно профилирана личност туку сака и да вложува во македонската мода и знае да го препознае квалитетот на македонските дизајнери и на сето она што ЕЛЕНА ЛУКА го работи." – ни изјави ЕЛЕНА ЛУКА за госпоѓа Аида Памер.
Како што веќе напоменавме, една од најексклузивните креации на ЕЛЕНА ЛУКА ја носеше водителката на настанот Вера Мештеровиќ, која имавме прилика да ја прашаме за соработката со модната куќа и за значењето на истото во склоп на Виенскиот бал.
"Чест и задоволство е низ сите овие години да се соработува со ЕЛЕНА ЛУКА, бидејќи навистина знае да одговори на еден ваков проект, кога станува збор за вакво културно случување, едно од најголемите во Македонија. Оваа година размислувавме во повеќе правци како да се претставиме, да бидеме поразлични од претходните години, и верувам дека успеавме во нашата задача заедно со тимот на ЕЛЕНА ЛУКА. Избравме сребрена боја која сега е актуелна, дизајнот е познатиот Пепелашка-фустан кој е посебно декориран, а дополнето со ракавици, нежна круна и накит, изгледот доликува како за една принцеза или за водителка-домаќин на овој бал. Морам да забележам дека и голем број на гости што ни се вечерва тука носат од убавите модели на ЕЛЕНА ЛУКА за да одговорат на оваа задача, затоа што за да бидете дел од Виенскиот бал каде ја претставуваме културата на Виена и нашата култура, мора да го запазиме дрес кодот, а тоа е долга тоалета за жените, и смокинг или темно одело за мажите. Низ сите овие години долга соработка со ЕЛЕНА ЛУКА, веќе сме како семејство, и кога имате една таква релација може многу полесно да се соработува и буквално се разбираме во два збора кога станува збор за вакви проекти како Виенскиот бал. Со заедничката соработка успеваме да бидеме победнички тим." – ни изјави Вера.
Меѓу големиот број дами коишто беа дел од настанот, ја забележавме и прекрасната и нежна Ирена Спировска која како секогаш и овојпат беше облечена во креација на ЕЛЕНА ЛУКА што совршено прилегаше на нејзината грациозност и женственост.
"Фустаните на ЕЛЕНА ЛУКА секогаш оддишуваат со еден раскош, со една женственост, и со елеганција, и морам да признаам дека воопшто не е лесно кога една жена треба да одбере од таа широка палета свечени тоалети, коишто чинам дека се заштитен знак на модниот бренд ЕЛЕНА ЛУКА. За годинава се одлучив за златната нијанса со дискретно светкав тон, за една раскошна тоалета којашто е типичен балски фустан што не може да се носи на секое место, но Виенскиот бал е вистинското место за да бидам облечена токму во овој златен фустан на ЕЛЕНА ЛУКА. Децении се во прашање, а не само години, кога станува збор за соработката со ЕЛЕНА ЛУКА, и низ сите овие години заедно растевме, и модниот бренд ЕЛЕНА ЛУКА, и јас, и останатите дами од Скопје, и навистина се сметам привилигирана што сум имала толку многу можности и прилики да носам од преубавите фустани на нашата ЕЛЕНА ЛУКА." – сподели со нас Ирена.
И Дунавка Трифуновска беше присутна и како секогаш уникатна во стилскиот израз, во прекрасна цветна и светла креација од ЕЛЕНА ЛУКА која идеално ја отсликуваше нејзината природа.
"После 15 години соработка со ЕЛЕНА ЛУКА, нашата визија се исполни и ги надминавме очекувањата на македонската модна сцена, срушивме многу табуа и донесовме една нова енергија и сосема нов шарм, а со тоа докажавме и дека невозможното е возможно." – ни изјави Дунавка.
За гламурозноста на вечерта што самиот Виенски бал надополнет со модната убавина на ЕЛЕНА ЛУКА можеби најдобро говорат фотографиите кои ги проследувате и може да ги погледнете и во галеријата на крајот од текстот, но пред тоа би сакале да изразиме искрена благодарност до целата организација и сите оние што на некој начин придонесоа за уште едно успешно издание на Виенскиот бал, каде локациската рамка се губи и вистински се чувствувате како дел од австриската култура и традиција.
Да потсетиме, на балот можеше да се слушнат музички точки од оркестарот "Јохан Штраус" предводени од диригентот Бисера Чадловска, од солистите Дејан Бобиќ – Дексо, Билјана Ѓошева и Ана Петановска, како и од оперските солисти Биљана Јосифов (која исто така носеше креација од ЕЛЕНА ЛУКА) и Вејчислав Поповски, а можеа да се погледнат танцови точки од солисти од Националниот балет, од танцовата школа "Прима Данца" и од ТСК Шварц – Вајс Виена. И да не ја заборавиме можеби најубавата страна на Виенскиот бал – хуманитарниот карактер, а по тој повод оваа година собраните средства ќе одат на сметката на младиот Леонид Индов.
За крај, ќе го заокружиме овој Виенски бал преку изјавата на нашиот последен соговорник, токму еден од најголемите виновници за настанот во Македонија, а тоа е директорот Оливер Арсовски кој освен што го сподели задоволството од 23-тиот Виенски бал, не штедеше зборови да ја опише и раскошта и убавината на нашата ЕЛЕНА ЛУКА.
"Јас сум среќен што ова прерасна во традиција не само во Скопје туку и во цела Македонија, бидејќи имаме гости скоро од сите градови, а тоа беше и нашата интенција. За ЕЛЕНА ЛУКА можам да кажам дека без нејзините модели не поминува ниеден бал, затоа што се најексклузивни и се по мера за сите жени, а вечерашнава модна ревија беше прекрасна. ЕЛЕНА ЛУКА е секогаш на едно високо ниво во модниот свет, особено во Македонија, но и надвор од границите, и навистина сум среќен што е дел од Виенскиот бал затоа што со моделите на ЕЛЕНА ЛУКА балот изгледа прекрасно."
До следниот Виенски бал, во духот на културната и модна етика и естетика, со звуците на валцерот, и светкавоста на ткаенините, погледнете уште фотографии во галеријата во продолжение.