Неодоливи дечиња позираат како ѕвездите на Греми

31 јануари 2014

Фотографката Триша Месеро чија омилена задача е повторно да создаде некои од највпечатливите холивудски моменти со мини верзии на познатите, повторно ги освои срцата на целиот свет.

Таа овојпат имаше за задача да фотографира неколку слатки дечиња кои во подеднакво исти комбинации како на познатите, позираат на црвениот килим на Греми наградите што се одржаа неодамна.

Дечињата на возраст од три до шест години одлично си ја завршија работата и уште еднаш беа вистински празник за очите и измамија милиони насмевки.

Креативната Триша оваа година одбра девет ѕвезди од црвениот килим чиј стил го копираа малите ѕвездички. Па така, почнувајќи од Тејлор Свифт па сѐ до пејачот Мигел, дечињата изгледаа тотално неодоливо во сосема исти стајлинзи од глава до пети.

И за оваа фотосесија, фотографката го употреби нејзиното тајно оружје, дизајнерката Андреа Питер која креираше мини верзии од облеката што познатите ја носеа на Греми наградите.

Објаснувајќи како таа ги одбира малите дечиња модели, вели дека за секоја фотосесија се одржува специјален кастинг на кој за една позната личност, се пријавуваат дури и по стотина деца.

„За време на кастингот јас ги фотографирам дечињата и водам забелешки и секако, водам сметка за тоа тие да изгледаат приближно слично на познатите“, вели фотографката.

Откако дечињата ќе бидат избрани, тие одат на проби за костимите и нивниот изглед се дополнува со автентична шминка и фризура.

Во продолжение погледнете го крајниот резултат како дечињата изгледаат и разубавете си го денот.

Објавено:
31 јануари 2014
Категорија: 
Сцена