Кралските трки можат да почнат - Royal Ascot 2014

18 јуни 2014

Како што веќе најавивме најпрестижниот настан Royal Ascot, што секоја година се одржува во Кралството Британија започна вчера и ќе трае четири дена се до 21 јуни. Станува збор за популарниот ден на дамите, настан кој се одржува во склоп со коњските трки. Редовни гости на оваа свечена манифестација се членовите на кралското семејство но и претставници од високото општество во Британија. Овој настан има спортски дух, бидејќи тука освен трката на коњи, помеѓу дамите со благородничко потекло постои вистинска „трка“ на шапки. Која ќе ја однесе титулата за најубав и најкреативен модел на шапка оваа година?

Од 2012 година како резултат на креативната фантазија на модните дизајнери и изборот на модели на шапки од страна на дамите со цел да се прикаже уникатна визија, Ascot воведе кодекс на облекување и правила за големините на шапките. Припадничките на понежниот пол треба секогаш да носат фустани или здолништа чија должина паѓа до над колената или подолго, а во поглед на шапките тие треба да опфаќаат простор кој не е поголем од четири инчи.

Припадниците на аристократските семејства со нетрпение го очекуваат пристигнувањето на Кралицата Елизабета II која секоја година е дел од гостите на оваа манифестација. Според традицијата бојата која ќе ја одбере Кралицата за нејзиниот аутфит ќе биде трендовска нијанса преку целата година. Кралицата пристигна облечена во пастелна сина нијанса на капут, под кој дискретно ѕиркаше фустан со цветен принт, бели ракавици и плетена шапка во истиот пастелен син тон.

Кралицата Елизабета II Кралицата Елизабета II

Со слична визија беше и Војводката од Корнвол, Камила, која специјално за настанот одбра да носи долг дизајниран капут во сребрени-сини нијанси, исто таков фустан, впечатлив бисерен ѓердан и масивна шапка со стилизирани сатенски ленти.

За да биде во тон со својата баба, помладиот принц Хари одлучи вратоврската да му биде во пастелно сина нијанса, а останатиот дел од изгледот беше тотално во согласност со правилата на настанот. Панталони во класичен крој во сива боја со риги, бела кошула, елек, долго палто и цилиндричен модел на шешир.

Генералниот впечаток од првиот ден на гламурозната манифестација помина во знакот на свежите бои, елегантните кроеви кои или ја следеа линијата на телото или пак беа во популарниот и особено актуелен А-крој, неизбежниот детаљ впечатливите модели на стилизирани шапки, уникатен накит, многу тантела, лелеавост и неверојатна софистицирана елеганција кај сите модни композиции. Кралската приказна продолжува и денес, а вие во продолжение погледнете кои беа најмаркантните изгледи на првиот ден од Royal Ascot.

 

 

 

Објавено:
18 јуни 2014
Категорија: 
Актуел