Брокатот е материјал кој многумина најчесто го препознаваат во свечените комбинации. Но, тимот од Елена Лука, преку најновата Бизнис колекција ќе ви покаже дека овој материјал е одличен и за секојдневните парчиња.
Сако и здолниште се првиот предлог, изработени од брокат во кралско сина боја. Овој комплет можете да го носите на деловни состаноци, коктел забави и секогаш ќе изгледате модерно, впечатливо и тренди. Здолништето е со должина до колена, а сакото е кратко и минималистичко, со превртени форми во задниот дел.
Доколку сте љубител на посветлите бои, тогаш сако од брокат во пудра боја, комбинирано со здолниште до колена од истиот материјал е совршениот избор за вас. Освен ткаенината, сакото го прави интересно и крагната, во чиј предел има превртување, а истата форма се аплицира и кај здолништето во пределот на половината. Оваа боја ќе ве освежи во овие студени денови. Кошулата во иста боја, која е изработена од високо квалитетен жоржет, одлично се надополнува во целата комбинација.
Третиот предлог за вашите деловни комбинации е црна кошула, изработена од високо квалитетен жоржет, која во пределот на јаката има една трака, па може да се трансформира. Брокатното здолниште до колена во боја на вино, со патент на средината и превртувања во пределот на струкот дава истовремено и луксузна и спортска нота. Ова е одлична комбинација да изгледате модерно, а во исто време и женствено. Обојте ја вашата деловна вечера во бојата на виното.
Одлучете се за комбинацијата најблиска до вашиот сензибилитет и оваа недела модерни и сигурни зачекорете кон нови успеси.