Во бразилската престолнина, градот што важи за еден од најголемите светски метрополи, градот кој е познат по преубавите жени, салса танците, различните специјалитети од банани и градот со најмногу бои, Сао Паоло деновиве пулсираше во знакот на модата. Имено, од 31 март, па се до четврти април во паркот Cândido Portinari се одржа модната недела каде дизајнерите од реонот имаа можност да ги претстават своите модни предвидувања за наредната жешка сезона пролет-лето 2015 година. После вчерашното гламурозно затворање на модната недела, генералниот впечаток е дека Сао Паоло полека, но сигурно станува конкурентна модна престолнина. Не само поради фактот што прв ги најавува колекциите за наредната жешка сезона туку и во поглед на организацијата. Пристапот зад сцената е строго ограничен, а на ревиите им е дозволено да присуствуваат само многу мал број посетители.

На овој моден настан имаа можност да се претстават дваесет и три дизајнерски имиња кои несомнено преку своите модни визии знаеја како да го привлечат вниманието на присутните. Модната критика e децидна дека ова е можеби најдоброто издание на модната недела во Сао Паоло. Ѕвезден момент кој што ќе биде запаметен е појавувањето на Жизел Бундшен на пистата за време на ревијата на бразилскиот моден бренд Collci, облечена во костими за капење.

Ако модната писта претставува отворен прозорец кон светот за секоја колекција, а бекстејџот местото каде се навлегува длабоко во порите на линијата, каде можат да се допрат материјалите, да се почувствуваат формите, да се одгатнат дизајнерските загатки, тогаш улицата е типичнo место каде може да се видат и благодарение на објективите и доловат различните модни перцепции на гостите, но истовремено подобро да се прикаже и атмосферата пред големото финале.

Бразилските девојки покажаа дека се во чекор со светските модни трендови и знаат како актуелните тенденции да ги вклопат во секојдневниот изглед. Богата плејада на модни додатоци, особено накит, интересни и различни форми на обувки почнувајќи од рамните оксфордки, па се до сандалите со високи потпетици, па низ интересните шапки, преку впечатливите тетоважи, фантастичниот избор на очила за сонце и храбрите комбинации каде принтовите кои беа доминантни, се најдоа во фотогалеријата како најинвентивни стрит модни појавувања.

.

Објавено:
5 април 2014
Категорија: 
Фото галерија