Претстојните Струшки вечери на поезијата ни претставуваат инспирација да позборуваме со наши поети кои работат и творат вон границите на нашата земја.
Една од нив е Зориа Петкоска Калајџиева, поетеса, преведувач и новинарка, која живее и работи во Токио, Јапонија, а нејзиното име е особено звучно во македонските поетски кругови. Земајќи предвид дека овогодинешниот добитник на „Златен Венец" е јапонецот Шунтаро Таникава, Зориа претставува одличен соговорник како авторитет за јапонска поезија.
Пред да замине за Јапонија, Зориа, која повремено објавува под името Зориа Април, работела како универзитетски соработник на УКИМ (предавајќи превод и сродни предмети на Филолошкиот факултет) и професионален наградуван преведувач, добитник на 3 награди „ВАВИЛОН" - рекорд што го нема никој срушено досега.
Во Токио заминува како универзитетски истражувач на културолошки студии со фокус на превод на јапонска визуелна поезија, а во моментов работи како новинар и уредник во списанието Tokyo Weekender - најстарото списание на англиски во Јапонија, како и уредник на Tokyo Poetry Journal.
Зориа честопати се опишува себеси како поет, екстремен космополит, филолог и логофил — сè се врти околу зборовите и љубопитноста за целиот свет.
- Поезијата те освојува уште одамна и таа станува една од твоите главни креативни изразувања уште од мали години. Прошетај нè малку низ твоите поетски почетоци.
Зориа: Ова ќе звучи парадоксално, но е апсолутна вистина: јас "пишував" поезија и проза уште пред да научам да пишувам. Всушност имав записничар - мајка ми. Бев мало неписмено поетче, целосно само-мотивирано. Смислував стихови додека си ги врзував врвците на патиките или пред да заспијам, и веднаш одев да го барам писарот. Смислувањето чудесии отсекогаш ми било некаков инстинкт.
Првата песна ја објавив во детското списание Другарче уште во прво одделение, а потоа бев објавена во додатокот Колибри во Нова Македонија. Веќе во трето одделение ги имав собрано сите можни локални награди за поезија - фотографиите каде позирам со дипломи се главен жанр во семејните фото албуми. Кога имав само 10 години ја запознав поетесата Светлана Христова Јоциќ која ги охрабри моите родители да објавам поетска збирка. Бев преплавена со неверојатна поддршка од сите околу мене и мојата прва поетска книга излезе по две години.
Тоа што има јама од над 10 години помеѓу мојата прва и втора поетска збирка е само моја вина. Во тие години бев опседната со изучување литература и чување на моите песни во фиока. Преведував и објавував поезија и го уредував поетскиот магазин Ш во којшто сакав да дадам простор на поети од мојата генерација. Дури во 2015-та почувствував дека имам доволно уникатна поезија за да влезам во Матица и да разговарам за објавување. И тоа беше „Зборигами".
- Се чини дека твоето најсилно пробивање досега е преку книгата „Зборигами". За оние кои сè уште немаат слушнато за оваа збирка поезија, би можела ли накратко да ни кажеш за што станува збор? Што всушност е „визуелна поезија"?
Зориа: Визуелната поезија е експериментална форма која меша жанрови, си игра со сè што може и не признава граници на страницата. Има визуелна поезија дури и без зборови како мојата серија „Дестилирана емоција: Неуромансер". На кратко: тоа е поезија што мора да се види за да се прочита целосно.
„Зборигами" е класична визуелна поезија што се вика „калиграм", во која стиховите буквално исцртуваат некаква слика. Во „Зборигами" песните воспоставуваат дијалог помеѓу македонскиот и јапонскиот јазик и нивните писма. Насловот е новоискован збор, амалгам од двата јазика. Збор+оригами - зборови кои се виткаат и превиткуваат додека не создадат нова форма. Калиграми како поетска форма постојат веќе еден век, но „Зборигами" е уникатна во мултилингвалноста. Во моментов книгата е целосно распродадена. Но, наместо второ издание, наскоро ќе излезе „Зборигами" во трилингвално издание, преведена на англиски и на јапонски.
- Покрај професионалните ангажмани, ти си една од уредниците на ToPoJo (Tokyo Poetry Journal), списание за поезија кое постои од 2015 година и излегува два пати годишно. Кажи ни повеќе за што станува збор. Како се роди идејата за овој проект и од кога си дел од овој тим поети?
Зориа: Tokyo Poetry Journal е едно специјално поетско огниште. Основачите се поети и професори кои живеат во Јапонија со декади, а TPЈ го основале за да створат простор за поетување отворен за сите: странци, јапонци и се' помеѓу. Јас станав дел од уредничкиот тим во 2021 и со тоа станав најмладиот член, единствениот уредник од Европа и од неанглиско говорно подрачје. Самото тоа укажува дека се стремиме кон поетски свет без граници и ограничувања.
- Каква е поетската сцена, локалната како и интернационалната, во Токио но и Јапонија воопшто?
Зориа: Tokyo Poetry Journal создава космополитска мултилингвална поетска сцена со Токио како креативно јадро. Често се објавуваат најнови преводи на млади јапонски автори кои инаку се недостапни за светот. Се објавуваат билингвални и трилингвални песни, визуелна поезија, уметнички дела, интервјуа, анализи, ко-авторски песни... секое издание е навистина збир на убер-креативни и најнови стихови. Единствениот услов е или поетот или поезијата да биде на некој начин поврзана со Јапонија и да се обезбеди превод на англиски јазик.
Така, јапонската локална поетска сцена добива врска со светот, а интернационалната сцена врска со Јапонија. Tokyo Poetry Journal исто така издава посебни збирки и антологии.
Таа отвореност и во поетското изразување и во вклучување на различните е токму тоа што отсекогаш ми фалеше во книжевниот свет. Во светот всушност многу често има некаков книжевен феудализам и национализам, разноразни категоризации и ограничувања, што за мене е тотално непоетски.
- На 16-ти јули годинава се одржа промоцијата на 11-тото издание на ToPoJo. Како изгледаат поетски читања во Јапонија и како се одвиваше оваа промоција?
Зориа: Поетските читања како тип на настан не се премногу различни во Јапонија, но зависи од самите поети. Имам забележано тенденција кај мнозинството јапонски поети да читаат со многу драматизирање и глума, дури и пренагласено како кабуки театар. Но кога се работи за традиционални поетски форми како хаику, читањето е поелегантно.
Во Токио се популарни слем настапите и читање поезија придружено со музика. Tokyo Poetry Journal има репутација за организирање креативни поетски настани со цели бендови, дрег шоу, буто танц изведби и слично. Сакаме да создадеме соработка меѓу разни креативци затоа што така се раѓаат нови концепти.
Промоцијата на 11то издание стави акцент на дигиталната уметност. Поетите читаа пред проекција на уметничките дела објавени во изданието и повеќето настапуваа придружени од музика во живо. Исто така, Симон Калајџиев, дизајнерот на корицата, настапи со демонстрација на креирање glitch art во живо. Музичарот Агустин Спинети настапи со електронски сет делумно контролиран од AI и повлијаен од движењата на публиката. Во иднина планираме и други слични поетски настани, како на пример читање поезија во јавна бања.
- Во ToPoJo 11 има „невидлива песна". За што станува збор?
Зориа: Невидливата песна е како игра инспирирана од животот во Токио каде се чини постојано бараме нешто, се губиме во гужвата, не разбираме... Без разлика дали си роден во Токио или живееш тука само една година, метрополата си поигрува со сите нас. Така, и ова издание остава малку нејасност и те кани на авантура. Те кани да станеш активен а не пасивен читател. Невидливата песна е всушност печат кој треба да се пронајде и удри на празната страница во ToPoJo 11. Локацијата на печатот постојано се менува. Повеќе информации има на вебсајтот на Tokyo Poetry Journal.
- Минатата година држеше предавање на Japan Writers Conference за футуристичка поезија и вештачка интелегенција како алатка за поезија. Годинава ќе го повториш твоето гостување на истата конференција, со тоа што ќе зборуваш за твојот проект наречен Archeologia Poetika, или Poetry Archeology Method. Каква е оваа метода?
Зориа: Poetry Archeology Method го измислив пред две-три години и постојано го развивам со поетите во Токио. Овој метод почнува со делумно уништување на некој песна која не ја знаете за потоа да се обидете да ја допишете и создадете одново. Ваквата реставрација повикува на внимателно читање, небаре археолози кои од ограничени остатоци можат да ја склопат историјата на некој изгубен град. Овој метод предизвикува, инспирира, забавува и е одличен за соработка меѓу поети каде секој уништува своја песна и ја дава на другите да ја реставрираат.
- Имаш ли некои планови за следни активности во блиска или подалечна иднина?
Зориа: Активно работам на издавање на неколку проекти, меѓу кои трилингвалното издание на „Зборигами" и пишување прирачник за методот на поетската археологија. Исто така, главен уредник сум на колаборативниот зборник „Аракнајт Готика".
Посебно ми е драго што наскоро ќе се вклучам и во COEM - стартап здружение на поети и програмери. Тие спојуваат технологија и поезија и создаваат футуристички апликации и мултимедијални дела низ кои се доживува поезијата на нов начин. Не можам да откријам на што точно ќе работам со нив, бидејќи сè уште сме во фаза на развивање на идеите.