Како што кралицата Елизабета не го отстапува нејзиниот престол, така може да се рече дека Ана Винтур не го отстапува своето место од уредничката позиција на американската верзија на „Вог“.
Таму е веќе 33 години и е неприкосновена модна „кралица“. Магазинот е се' уште еден од најпопуларните, иако во последно време често може да се забележи и политички став, со што модата не е изолирана од политизацијата, а со тоа и не е доминантна тема. Но, Винтур смета дека веќе не е време да се молчи, туку да се заземе страна.
Политичките ставови ги искажува јасно, а влијае и врз остатокот на модната индустрија, што посебно се виде кога Трамп беше избран за претседател, а Меланија поради тоа - бојкотирана.
Нејзините модни избори се комбинација на доследност и еклектичност. Интересен спој мора да се признае.
Фризурата ја носи од 14 годишна возраст, денес има 72.
Зошто, една од најмодерните жени во светот, ги носи истите чевли на речиси секоја ревија од модните недели, и не само таму, туку скоро секаде каде што се појавува од 1994 – та година досега?
Дизајнерот ѝ ги покажал чевлите на јавноста за време на лондонска модна недела, објаснувајќи дека сакал да направи нешто за обичните луѓе. Но, со оглед на тоа дека овие обувки чинат околу 500 фунти, не може да се рече дека се достапни за сите „обични" луѓе, но од друга страна, тоа не ја намали нивната популарност.
Овие чевли во беж боја беа направени специјално за уредничката на „Вог“ уште во 1994 година и тоа специјално од самиот Маноло Бланик. Таа одбрала две нијанси на беж боја затоа што сметала дека ќе и одговараат со секоја комбинација што ќе ја направи, како и на тенот во секоја сезона. Со оглед на тоа што Бланик пред да ги направи, точно ја измерил ногата на Винтур, односно направил дрвен модел од нејзината нога, па врз основа на тоа ги обликувал чевлите, не се сомневаме дека се работи за исклучително удобни обувки, од кои уредничката не сака да се откаже.
Винтур секоја сезона добива по неколку идентични пара чевли од овој модел. Маноло ја убедил дека има одлични нозе и дека нема потреба да носи затворени чевли кои визуелно ќе ги направат покуси.
Црните очила за сонце се уште еден нејзин препознатлив знак, кој го носи со децении наназад.
Од друга страна, ретко кога ќе ја видите во еднобојна комбинација. Дезените, принтовите и боите се нејзиниот најчест избор. Ретко носи панталони. Фустаните од „Прада" ѝ се омилени, а парчињата ги носи и по неколку пати. Не е од тие што имаат облека само за едно носење. Ѓерданите се исто така еден од модните додатоци што често ги носи.
Всушност, нејзината појава раскажува цела приказна, не само модна. Кажува дека е конзистентна, знае што сака, но не е досадна и дефинитивно не е „книга што лесно се чита“.
View this post on Instagram
Според листата на магазинот „Њујорк“, Винтур за својата функција во „Вог“ заработува 2 милиони долари годишно, но никогаш во јавноста не добивате впечаток за нејзиното богатство, а во тоа ѝ помага и токму таа визуелна препознатливост.
„Можеби нема да ми верувате, но надвор од работата јас немам толку исполнет и моќен живот. Најмногу сакам да отпатувам за викенд на село до децата и миленичињата и да играм тенис. Добро ми оди тоа исклучување од светот. Генерално, за викендите воопшто не сакам да бидам во градот. Не ми одговара. На имотот надвор од градот имам голем двор, каде се занимавам и со градинарство“, ќе изјави во една пригода.
Да, таа мистичност околу тоа каква е надвор од работното место и првите редови на модните ревии, внимателно ја негува со години.
View this post on Instagram
Нејзиниот прекар е „Нуклеарна Винтур" поради студениот став и строгоста. Но, во едно од септемвриските изданија на “Вог“, во воведот призна дека нејзините деца се нејзината слабост. А за тоа дека таа воопшто не е ниту досадна, ниту строга во приватниот живот, говори и фактот дека Винтур уште од младоста владее на подиумот. Според нејзината пријателка Барбара Амиел, Ана буквално знае да ја интерпретира личната сексуалност преку своите движења.
Секогаш доаѓа на време, па дури и порано. Затоа и често на ревиите може да се види како седи сама. Њујорк ѝ е еден од омилените градови:
„Тоа е град во кој луѓето сакаат да работат. Ми се допаѓа тоа што никој не те суди по акцентот, не е важно од каде си, кој е твојот татко, или други такви „англиски" манири“.
Воедно, ако се набљудува нејзиниот стил од младоста па до сега, ќе се види богатство на текстури, бои и кроеви, а дел од таа модна приказна ви претставуваме во продолжение.
фото: Instagram.com/Pinterest.com