„Модата не е облека, туку живот" е можеби најпознатата фраза на Франка Соцани, визионерка и директорка на Vogue Italia од 1988 до 2016 година, годината кога почина.
Франка беше позната по нејзиниот уникатен и неповторлив пристап кон модата. За неа, велат, модата претставувала средство за комуникација со експлозивна сила, а ја достигна нејзината максимална моќ преку модната фотографија.
Франка откри многу таленти во оваа област, а со Стивен Мајзел работеа на некои од најсилните теми некогаш покриени во Vogue Italia, меѓу кои Water & Oil од 2010 година, каде се критикува еколошката катастрофа на нафтената платформа Deepwater Horizon; Horror Movie, каде се зборуваше за семејно насилство; Black Issue од 2008 која беше посветена исклучиво на црните ликови, и Belle Vere, од 2011 година, каде се слави убавината на облините.
Но, и покрај тоа што нејзините авангардни проекти ѝ обезбедија светска слава, личниот стил на Франка Соцани отсекогаш важел за малку мистериозен.
Секогаш беспрекорна, со силна наклонетост кон класичниот стил, Франка знаеше како да го изведе тоа, а да не биде здодевна и банална, честопати играјќи си со контрастни бои. Нејзината страст за палта беше очигледна, додека пак особено внимание им посветуваше на чевлите и накитот кој го краси деколтето. На црвениот тепих сакаше вистинска елеганција, проткаена со влијанија од 70-тите, а понекогаш и со ориентални референци.
Да погледнеме некои од нејзините најдобри изгледи во текот на годините.