Таа е дефинитивно една од најпрепознатливите музички диви на денешницата, која покрај со нејзиниот уникатен глас и одлични песни, плени и со неверојатниот бохо – мистичен стил.
Флоренс Велч од Florence + Тhe Machine е неверојатно уникатна 28 годишна девојка, која речиси секогаш прави совршени стилски избори. Како што и самата ќе каже, секогаш сака да носи и да одбира парчиња што ќе може да ги носи и кога ќе биде постара и со кои секогаш ќе изгледа како дама.
Таа е муза не само на луѓето од музичките кругови, туку и на светски познатите модни дизајнери. Назад во 2012 – тата година таа имаше совршен настап на шоуто на Шанел кога излезе од бисерна школка и по кој знае кој пат ги потврди нејзините неверојатни вокални способности.
Нејзиниот статус на модна икона меѓу музичарите дефинитивно се потврди кога во декември 2011 – тата година таа се појави на насловната на Вог, но имаше и одличен едиторијал во магазинот.
Нејзината сериозна музичка кариера всушност започна кога таа заедно со нејзиниот бенд го издаде деби албумот Lungs во 2009 – тата година, а со кој доживеа неверојатен успех како во Британија, така и во Америка.
Успесите за Флоренс се нижеа веднаш по нејзиниот успех со албумот, а во 2011 – тата година таа беше прогласена и за муза на светски познатиот моден бренд Гучи.
„За колекцијата сакавме да имаме заштитно лице и муза која е силна жена, помалку мистериозна...Флоренс е токму таква“, изјави тогаш Фрида Џанини од Гучи.
Токму Гучи е и еден од омилените брендови на Флоренс, но таа никогаш не заборава да го спомене и Рикардо Тиши за кој ќе каже дека е неверојатен дизајнер чии креации таа ги обожава.
Во однос на боите, талентираната пејачка е заљубена пред сѐ во принтовите и цветните детали на бохо фустаните што обожува да ги носи.
Кога станува збор за настапите, таа секогаш одбира удобни и лежерни креации во кои ќе може да ја искаже сета уметност и енергија што ги поседува во себе.
Шапките се нејзините омилени модни додатоци, за кои ќе каже дека ги има во огромен број, но подеднакво заљубена е и во чевлите со животински принт и чантите со реси.
Она по што таа е особено препознатлива е нејзината коса во интензивна црвена боја што секогаш се вклопува совршено во нејзините внимателно одбрани стајлинзи.
Ние одбравме неколку неверојатни комбинации што ги одбележаа нејзините јавни појавувања изминатите години, за кои знаеме дека подеднакво ќе ги обожувате и вие. Флоренс Велч е дефинитивно совршен пример за уникатна девојка и инспирација за бохо пролетен шопинг!