На денешен ден во 1925 година родена е Маргарет Тачер. Детството го поминува во родното место Грантам. Нејзините родители Алфред и Беатрис Робертс биле методисти и имале семеен бизнис - продавница која се наоѓала на првиот кат во нивната куќа.
Маргарет Робертс учела основно и средно училиште во родниот град, од каде образованието го продолжува на Оксфорд, каде учела хемија. Но хемијата отсекогаш ѝ била спореден интерес, имајќи предвид колку ја сакала политиката.
Конзервативната политика отсекогаш заземала место во животот на Маргарет. Нејзиниот татко бил советник во Грантам, и често знаел да разговара со Маргарет за изминатиот ден. На Оксфорд била избрана за претседател на студентската комора на конзервативната партија.
Двапати се кандидирала како кандидат на Конзервативците за место во Парламентот од Дартфурд. И иако и двата пати не била одбрана, се стекнала со голема слава затоа што била најмладата жена-кандидат за оваа позиција. Во Дартфурд го запознава и својот сопруг, Денис Тачер, локален стопанственик. Се венчале во 1951 година, а во 1953 година им се родиле близнаците Марк и Керол. Во времето кога Конзервативците стапиле на власт, 1970, Тачер е одбрана за министер за образование, не баш толку добар период за Тачер поради постојаните протестим кои сепак успеала да ги смири. По катастрофалниот пораз на владата на Хет во 1974, Маргарет се кандидирала за претседател на Конзервативната партија, што и станала во февруари 1975 г. Успешно ја водеше опозицијата од 1974-1979, кога на изборите во мај 1979 стана премиер на Велика Британија.
На таа функција беше 11 години и остави огромна трага не само во политичкиот живот и сцена во Британија, туку и светот.
Пред неколку години по повод една изложба, беа раскажани и неколку интересни факти за нејзиниот стил.
За начинот на кој се облекувала и средувала проговори Чарлс Пауел, личниот секретар на „Челичната лејди".
Тој откри како на погребот на советскиот лидер Јуриј Андропов во февруари 1984 година, премиерката морала поради големиот студ да позајми крзнен капут и чизми.
-Нејзиниот телохранител стоеше зад неа, со полни џебови. Руските безбедносни сили мислеа дека тој крие некое импресивно оружје. Но, всушност во џебовите беа нејзините чевли. Кога се вратија, таа ги соблече чизмите, а тој од џебовите ги извади и ѝ ги додаде чевлите со потпетици – открива Пауел.
Маргарет Тачер секогаш носела здолништа и високи потпетици, а тоа го потврдила и Синтија Крофорд, нејзината асистенка.
-Мразеше панталони. Мислам дека купивме два или три костуми со панталони, кои таа никогаш не сакаше да ги облече. Единствениот пат кога се согласи да носи панталони, беше кога се симна во рудник – истакнува Крофорд, која со Тачер работела повеќе од 35 години.
Во нејзините задолженија било да води и дневник за облека, за британската премиерка никогаш да не се појави во исто издание два дена по ред.
Синтија открива и дека Тачер, ќерка на кројачка и пиљар, имала обичај да ги рециклира копчињата. Тоа значи дека ги расшивала од едно парче и ги зашивала на друго.
-Не ги фрлавме копчињата, особено што добар дел од нив беа многу скапи – вели Крофорд.
Чантите на „Челичната лејди" морале да бидат доволно големи за во нив да стави пудра, кармин, чешел, мал нотес со пенкало, но и документи во А4 формат.
-Секогаш се трудев да ја облечам во боите на земјата која ја посетува. На пример, кога отиде во Израел, носеше светлосин костим, со беж дел, во боја на израелското знаем. Кога бевме во Полска, таа беше облечена во земелно, затоа што во оваа земја тоа е боја на надежта – потенцира Крофорд.
А кога се нејзините зборови во прашање, во продолжение ве потсетуваме на дел од нејзините најпознати цитати:
- Жена со силна волја се нарекува злобна; маж со силна волја се нарекува моќен.
- Пораз? Не го препознавам значењето на овој збор.
- Секоја жена што ги разбира проблемите со водење домаќинство ќе биде поблиску до разбирање на проблемите со водење на државата.
- Можеби петелот кукурига, но кокошката е таа што ги несе јајцата.
- Ако сакаш нешто да биде кажано, прашај маж; ако сакаш нешто да биде завршено, прашај жена.
- Можеби ќе треба да водиш една битка повеќе пати за да победиш.
- Домот треба да биде центарот, но не и границата на животот на жената.
- Вреди да се познава непријателот бидејќи некогаш ќе имаш можност да го претвориш во пријател.
- Не може да има слобода освен ако не постои економска слобода.
- 90 отсто од нашите грижи никогаш не се случуваат.
- Жените се многу подобри во кажувањето „не" отколку мажите.
- Не мора да се согласуваш со некој за да најдете заеднички основи.