Клаудија Кардинале – Модна икона на 60-те и вечна ѕвезда на италијанскиот филм

28 јуни 2023

Прогласена за една од 50-те најубави жени во филмската индустрија, со одиграни 175 улоги, ѕвездата на италијанскиот и францускиот филм во 60-те и 70-те, Клаудија Кардинале е влијателна фигура во филмската и модната индустрија.

Македонската публика имаше прилика да ја запознае во 2018 година, кога со својата ќерка допатува во Битола на ИФФК „Браќа Манаки" каде ја прими Специјалната златна Камера 300 за особен придонес за светскиот филм. И тогаш домашната публика коментираше колку е таа природна и непосредна и покрај нејзиниот статус на светска филмска ѕвезда.

Родена на 15 април 1938 година во мало гратче во Тунис, а меѓу ѕвездите ја вивнаа улогите во филмовите „Осум и пол" (1963) на култниот италијански режисер Федерико Фелини и „Беше еднаш на дивиот запад" (1968 г. ), уште еден голем режисер, кој се прослави со неговите вестерни, Серџо Леоне. И токму во 60-те и 70-те години, таа го достигна пикот на својата слава и филмска кариера кои и ја обезбедија вечноста.

Очите со мачкаст облик, бујната коса и нагласените облини, ја карактеризираа нејзината природна убавина пред која никој не се осудуваше да покаже рамнодушност.

Иако многумина ѝ предвидуваа и успешна кариера во модната индустрија, самата ќе изјави дека таа ужива во мода, но никогаш не се гледала професионално во таа сфера.

Интересно е тоа што, во едно интервју ќе каже дека имала ритуал да си задржува по некое парче од секој филм во кој имала улога и дека нејзините ролји на филмското платно имале значајна улога во дефинирањето на нејзиниот личен стил.

Кога е стилот во прашање, ги посочува 60-те како омилени бидејќи важат за декада која ги ослободува жените во моден контекст, но истовремено дека ѝ се допаѓа универзалниот унисекс изглед каде се анулираат разликите меѓу женските и машките парчиња облека.

Иако своевремено важеше за секс симбол, таа секогаш бирала елеганција пред сексапил кога изгледот е во прашање.

Неодамна наполни 85 години и она што е важно да се потенцира е дека е голем поддржувач на правата на жените. Исто така, со гордост ја носи титулата Амбасадор на добра волја на УНЕСКО за одбрана на правата на жените од март 2000 година.

 

Објавено:
28 јуни 2023
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
463 пати