Клаудија Кардинале: Не сум носталгична кон убавината и годините

24 септември 2018

Во тек е ИФФК„Браќата Манаки“, а вниманието на јавноста беше свртена уште првиот ден со најавата дека годинешните гости - ѕвезди се оскаровецот Роџер Дикинс и славната актерка Клаудија Кардинале.

Кога ќе се спомене името на оваа дива, првите асоцијации се „Беше еднаш на Дивиот запад“ и нејзината безвременска убавина.

Таа беше модна икона во текот на 1960-тите и 1970-тите, а во 2011 година беше прогласена за една од 50-те најубави жени во филмската индустрија во светот.

Родена е на 15-ти април 1938 година како Клауди Џозефин Роуз Кардинале, во мало место во Тунис. Има италијанско потекло, а во родното место ќе се образува за учителка. 

Во 1957 година ќе победи на натпреварот „Најубава Италијанка во Тунис“ и ќе освои наградно патување во Италија, кое ќе ѝ го смени животот засекогаш.

На тоа патување, кога има 19 години, ќе го потпише и својот прв филмски договор. Како ќе каже години подоцна, сето тоа што се случило, едноставно било судбина.

Оттогаш, па во годините што следат, таа ќе се појави во остварувања што ќе станат големи хитови како „Роко и неговите браќа“, „Леопард“, „Осум и пол“ на Фредерико Фелини, кој отворено ќе признае дека Клаудија е неговата муза.

Соработката со него ќе ѝ помогне да стане посебно популарна во Италија. Веќе во 1963 година, таа ќе биде дел од комедијата „Пинк Пантер“, ангажман со кој ќе го привлече и вниманието на најпознатите продуценти во САД и Британија.

Во 1968 година ќе ѝ се случи „Си беше еднаш на Дивиот запад“, на Серџо Леоне, кој ќе ѝ донесе планетарна популарност.

Но, после пет години блескавост во Холивуд, Клаудија ќе почувствува дека улогите се повторуваат и дека не се случува ништо ново, па Холивуд ќе го замени со Европа. Во желбата да не стане клише, се враќа на театарот во Италија и Франција, каде ќе има исто така забележителен успех.

Во 1974 го запознава режисерот Паскал Сквитиери, поради кого ќе го остави сорпугот Франк Кристалди, исто така режисер, со кого го има и синот Патрик.

Љубовта со Паскал ќе биде крунисана со брак и со ќерката која го носи нејзиното име, Клаудија.

Активниот актерски живот трае до 2010 година, по што одлучува да се повлече.

Минатата година беше заштитно лице на Канскиот филмски фестивал. Нејзината фотографија од младоста беше фотошопирана, што наиде на остри реакции.

„Ако Клаудија Кардинале не може да остане идеал на убавина и треба да биде фотошопирана, тогаш навистина светот отиде наопаку“ е само еден од коментарите на социјалните мрежи.

Со текот на годините, цртите на нејзиното лице се сменија, па многумина коментираа како актерката има за што да жали и како веќе нема ни трага од некогашната заслепувачка убавина. Но, се поставува прашањето, треба ли воопшто за вакви жени што оставиле трага на многу други начини освен преку физичката убавина, да се коментираат на тој начин? 

Начинот на кој старее Клаудија Кардинале во ништо не треба и не смее да ја намали нејзината вредност. Таа е голем поборник и за женските права, па во контекст на тоа во 2000 година е амбасадор на Унеско за добра волја за одбрана на женските права. Токму затоа сме сигурни дека овие коментари се и повеќе од непотребни, а дека не ја ни допираат говори и следната изјава:

„Навистина не ми е грижа. Нормално е да стареам, времето поминува. Не сум носталгична воопшто ниту за убавината, ниту за годините. Ги мразам пласичните корекции и отсекогаш сум била за природно стареење. Но, она што е важно е да ја негувате убавината одвнатре, убавината на душата“, ќе каже пред две години.

 

фото извор: vanityfair.com; vogue.it;

Објавено:
24 септември 2018
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
1.553 пати