Кристи Бринкли - вечно младата моделка

19 јули 2018

„Нема да поверувате дека има 64“, „И на 64 години изгледа совршено во бикини“, „За неа годините се само број“ се дел од насловите кои одат до името на моделот Кристи Бринкли. 

И навистина е така. Оваа жена е како замрзната во времето. Иако е веќе во седмата деценија во животот, многумина не би ѝ дале повеќе од 40-тина години.

Свесна за тоа, Кристи честопати ја истакнува својата фигура во мини фустанчиња и комбинации што вклучуваат кратки шорцеви.

Родена е на втори февруари 1954 година како Кристи Ли Хадсон, а има германско, англиско, ирско и шкотско потекло. 

По разводот на родителите, Кристи и нејзиниот брат Доналд биле посвоени од вториот сопруг на нивната мајка Марџори, Дон Бринкли. Тој е продуцент и ќе напише повеќе од 400 телевизиски драми, односно серии.

Како тинејџерка, Кристи ќе посетува билингвално средно училиште, истото во кое некојаш оделе Џоди Фостер и Шенон Доерти.

Никогаш не замислувала дека ќе биде модел. По дипломирањето во 1973 година, паа се сели за Париз каде сака да студира уметност, со желба да стане илустратор. На 19-годишна возраст, таа ќе биде откриена од фотограф и тоа во една француска пошта, а истиот ќе ја запознае со агент кој работи за „Елит Модел Менаџмент“.

„Моделингот не беше никогаш ни опција за мене. Никогаш! Не ни размислував за тоа“, ќе каже во една пригода, години подоцна.

Во 1976 година ќе биде заштитното лице на „CoverGirl“, потпишувајќи 20-годишне договор со козметичката фирма, кој воедно е еден од најдолгите во модната индустрија. Во 2005 година, брендот повторно ја повика Бринкли да биде во нивните реклами за продукти за кожа за жените после 40-тата.

Истата година, „Sports Illustrated“ ќе ја ангажираат да биде бикини модел. Со тој ангажман ќе стане ултра популарна, па три години по ред ќе биде нивно лице за изданието за костими за капење - од 1979 до 1981 година. Лани, на 63-годишна возраст, повторно беше на насловната страна на магазинот, овој пат позирајќи со своите ќерки.

Се појавила на насловните страни на преку 500 магазини, вклучувајќи ги и „Вог“, „Гламур“, „Харперс Базар“. Нејзиното богатство се проценува на преку 80 милиони долари, што ја прави една од најплатените женски модели на сите времиња.

Зад себе има четири бракови. Нејзиниот прв сопруг беше францускиот уметник Жан Франсоа Алу. Двојката се венча во 1973 година, а се разведуваат во 1981 година. 

„Имавме одличен брак, но едноставно за некои работи едноставно бевме премногу млади“, ќе изјави Кристи. 

Вториот сопруг, Били Џоел, го запознава на Карибите, во 1983 година. Биле сместени во ист хотел, и додека тој се забавувал на пијаното во холот, таа почнала да пее.

„Ние буквално не престанавме да пееме за сето време кога бевме заедно“, ќе каже моделката.

Двојката ќе стапи во брак во 1985 година, на јахта, пловејќи по реката Хадсон, а заветите ќе ги дадат на приватна церемонија пред 175-ца најблиски луѓе од семејството и пријатели. Од бракот, кој ќе заврши во 1994 година, ја имаат ќерката Алекса Реј Џоел, која денес е мошне позната пејачка.

Инаку, Бринкли ќе се појави и во спотот за песната „Uptown girl“ во изведба на Били Џоел па многумина и денеска ја распознаваат токму по тоа.

 Во текот на својата кариера Кристи ќе биде и актерка во тв серии и филмови. Но, во сиот успех, 1994 година, освен по разводот, ќе ја памети и по несреќата што ја доживеа со хеликоптер, во кој беа уште петорица. За среќа, сите патници се преживеани, а Бринкли се сеќава на тој момент како момент кога се соочила со животот и смртта.

„Си помислив, ќе умрам. Сега? На овој начин? На ски патување? Денес?“.

Осум месеци по хеликоптерската несреќа, таа ќе се омажи за Рики Таубман, кој бил во истиот хеликоптер. Кога стапува во третиот брак, Кристи има 40 години и ќе биде бремена со синот Џек Парис Таубман, кој ќе биде и нивното единствено дете. Бракот се распаѓа после само година дена, а во 1996 година, моделот повторно ќе си ја побара среќата, овој пат кај Питер Хејси Кук, со кој ја имаат ќерката Сејлор Бринкли Кук. Тој брак ќе трае до 2008 година, а причината за разводот ќе биде признанието на Питер дека ја изневерувал Бринкли со 18-годишна девојка, како и тоа дека е зависник од интернет порнографија.

Во 2006 година ќе доживее несреќа за време на скијање, каде за малку ќе ја изгубела ногата, но за среќа докторите веднаш успеале да ја оперираат, а нејзините шанси за опоравување биле само 30 проценти. Сепак, таа ќе ги надмине тие шанси, а доказ за тоа ќе биде и учеството во мјузиклот „Чикаго“ на Бродвеј во 2011 година.

За својот младешки изглед вели, може да му се заблагодари на вегетаријанството, кон кое се приклонила уште од 12-годишна возраст. 

Јаде намирници без шеќер, а појадокот ѝ се состои од овчи јогурт со шумско овошје, чиа семе и овесна каша. Дваесеттина минути пред оброкот јаде јаболка, за да избегне прекумерно консумирање храна.

(од лево кон десно) Криси на 29, 30, 40 и 50 години

Ручекот ѝ се состои од салати, а попладневната ужина од сок од кељ, зелен лимон, портокал и авокадо. На вечер јаде интегрален ориз со жолти и црвени пиперки на скара. Таа има приватен готвач кој ѝ ги приготвува овие нешта, како и кајгана од белки, по некој чоколаден колач и слично, кога сака да се разгали.

Посебно го сака шампањот и пие по три чаши дневно, за што верува дека исто така придонесуваат за нејзиниот добар изглед. 

Покрај сето тоа, практикува јога, трча, сурфа,скија и плива, има и справа дома на која вежба по 15 минути. Секоја недела има масажа, а во деновите кога нема време да го прави сето тоа вели:

„Го користам секој слободен момент, па додека ја сушам косата со фен правам сквотови (чучњеви), а додека перам заби, работам кревање на нозете. Пијам многу вода, користма заштитен фактор и сапуни со млечна киселина, како и пилинг“, вели таа, па затоа и не изненадува фактот дека изгледа вака како што изгледа.

Криси на 60 години

Криси на 64 години

фото извор: celebmafia.com; pinterest.com; gotceleb.com; 

Објавено:
19 јули 2018
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
872 пати