Модна инспирација: Ултра талентираната блогерка Натали Суарез не води во нејзиниот свет!

8 октомври 2013

Почнувајќи од својата 15 – та година, неодоливата Натали Суарез плени со својот стил и безвременска убавина благодарение на нејзиното единствено потекло за кое се виновни Кина и Шпанија.

Таа својата кариера ја започнува како модел и од Лос Анџелес се сели во Големото Јаболко за што ќе каже дека е дефинитивно место каде ќе остане да живее целиот свој живот, а не само минлива станица.

Она со што оваа модна инспирација на новото време го воодушеви светот е нејзиниот единствен и најдобар моден блог за кој дефинитивно вреди да потрошите малку време за да го разгледате.

Таа буквално секојдневно на нејзините фанови им приредува вистинска гозба од неверојатни парчиња облека што ги комбинира на исклучителен начин што е составен дел од нејзиниот супер шик стил.

Таа секогаш умее со нешто ново да не покани во нејзиниот луд свет и да ни овозможи патување на какво што не сме биле досега. Доколку мислевте дека розовата и црвената боја воопшто не се согласуваат заедно, таа со еден потег ќе ви докаже дека многу грешите. Натали ќе ве убеди и дека памучната маичка што ја зафрливте длабоко во плакарот, совршено се вклопува со вашите нови, дизајнерски панталони од тантела, за кои немавте комбинација.

Совршената модна блогерка секогаш знае да ни направи моќна комбинација, од која и улиците на вашиот град ќе станат љубоморни.

Без разлика дали сте во недостиг на инспирација или пак сметате дека ги исцрпевте сите комбинации од плакарот, таа ќе ве убеди во сосема спротивното. Ќе ви сервира совршена комбинација што буквално ќе ви го помати умот. Она што дополнително и дава тежина на вредноста на оваа девојка од соседството е фактот што таа буквално не води во нејзиниот дом и ни ги прикажува едноставните работи на многу специфичен начин.

Доколку го отворите нејзиниот блог, ќе видите една сосема поинаква љубов...кон човекот на нејзиниот живот, кон парчињата облека, кон обувките, едноставно кон работите од кои се состои животот.

Ако и досега не го привлековме вашето внимание, ве уверуваме дека оваа девојка има една сосема поинаква приказна за раскажување. Таа на смел и храбар начин ужива во убавините на животот кои како да ги подзаборавивме.

Таа не ни ја прикажува само модата како еден аспект од животот, туку буквално не води низ нејзиниот свет исполнет со вистинските и едноставни работи за кои вреди да се живее.

Нашата хероина и безвременска инспирација на новото време e – Натали Суарез!

Објавено:
8 октомври 2013
Категорија: 
Модна икона