(Не)среќната приказна на првата Мис Југославија

26 јуни 2023

Бајковит почеток со трагичен крај, само така можеме да ја започнеме животната приказна на првата и најуспешна мис на Југославија – Никица Мариновиќ.

Таа ја одби понудата да стане холивудска ѕвезда и ја изгуби титулата Мис свет, поради нејзината искреност.

Убавината ѝ беше нереална, природна и ретка.

Родена е во Ријека далечната 1947 година во сиромашно семејство на рибар и домаќинка.

Младата 18 годишна девојка, ученичка во средното економско училиште во ниеден момент не очекуваше светска слава.

Кога тогашната организација за мис на Југославија ја превзема уредничката на неделникот "Bazar", Зорица Мутавџиќ, се менува и начинот на избор на девојка.

Мутавџиќ не нашла соодветна помеѓу кандидатките, па решила самата да побара некоја анонимна девојка.

Случајно ја сретнува Никица и воодушевена од нејзината убавина, успева по долги разговори со татко ѝ и момчето, да ја убеди да учествува на изборот.

Така, младата дубровчанка станува Мис на Југославија и се упатува во Лондон каде што во 1966 се одржува Мис на светот.

Никица ја понесува титулата најубава европејка и прва придружничка веднаш зад индијката Реита Фарија.

Југословенските медиуми и целата нација била воодушевена, но со мала доза на горчина што искрениот говор ѝ ја одзел титулата најубава во светот.

Имено кога ја прашале Индијката што би направила во случај на победа таа одговорила дека веднаш би отишла во Виетнам да ја посети американската војска.

За разлика од неа, Никица рекла дека како Југославенка, не ја поддржува војната, па многумина биле убедени дека не победила токму поради тоа што доѓа од комунистичка земја.

Сите биле воодушевени од нејзината вонсериска убавина, меѓу кои и режисерот Роберто Роселини, кој дури ѝ понудил улога во еден свој филм.

На негово изненадување, мисицата го одбила, велејќи му дека не е доволно талентирана за глума.

По враќањето во Југославија, Никица остварува соработка со најпознатиот дизајнер во тоа време Александар Јоксимовиќ и ќе биде дел од неговата ревија истата година.

Белград ѝ станува дом, а таму го запознава режисерот Вук  кој станува нејзин прв сопруг и татко на нејзиното прво дете Џорџ. Бракот потрајал само неколку години.

Во 1972-ра кога во Загреб ја снима емисијата Чекори во ноќта, се запознава со вториот сопруг, Здравко Шотра, српски режисер.

За кратко време се венчаваат, а парот добива и син Марко.

Сепак ни оваа љубов не траела долго па Никица го остава Здравко во 1980-та.

Тогаш останува сама со синовите па решава да се повлече од манекенството и да започне приватен бизнис.

Отвора бутик во центарот на Белград кој станува многу популарен, но не само поради облеката што се продавала. Многумина го посетувале местото само за да ја видат прекрасната Никица во живо.

Тоа траело некое време, а Мариновиќ се поретко можела да се види во јавност. Причина за тоа била тешка депресија, поради што Никица постепено губела контакти со пријателите.

За ова придонела и војната во Хрватска и самиот распад на Југославија.

Посетувала и психијатриски клиники за да се излечи, а последниот пат кога била во Дубровник во 2005-та не контактирала со никого.

За жал кога повторно се споменало нејзиното име во 2008-ма, веста била трагична - Никица ја пронашле во својот стан во Белград, без знаци на живот.

Според тогашните пишани медиуми 62 годишната некогашна убавица си го одзела животот, а зад себе оставила проштално писмо.

И до ден денес не се знае како и зошто дошло до овој трагичен крај.

Но, она што ќе остане и споменот за една неверојатна убавина, искрена душа и поука дека животот е дар кој мудро треба да се искористи.

Фото: Instagram, Facebook

Објавено:
26 јуни 2023
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
5.176 пати