Слично како и неверојатната Адел, и ова исклучително талентирано момче за многу кратко време стана вистински миленик на публиката. Исклучителниот Сем Смит доаѓа од Лондон, има 22 години и во моментов е најактуелниот пејач на планетата Земја.
Од самиот почеток кога тој се појави, ги освои срцата на публиката со неговиот безвременски глас, прекрасната насмевка, буцкастото лице и интересниот стил.
По низата негативни коментари дека тој изгледа и повеќе од буцкасто, талентираниот пејач целосно се посвети на трансформација на неговото тело и стил со помош на неговата нова најдобра пријателка, нутриционистката Амелиа Фреер.
“За само две недели, со нејзина помош изгубив многу килограми. Покрај губењето на килограмите, таа ми помогна да изградам целосно нова врска со храната. Она што можам да го кажам сега е дека во мојот случај воопшто не се работи за губење на килограмите, туку за тоа што јас сега се чувствувам навистина среќен. Те сакам Амелиа и ти благодарам што не направи толку многу среќен како одвнатре, така и однадвор“, напиша пејачот на неговиот Твитер профил.
Веднаш откако тој на светот му ја прикажа неговата трансформација, можевме да го видиме како дел од рубриката „Today I’m wearing“ во априлското издание на престижниот Вог.
Како што и самиот ќе каже, по ригорозната диета, се чувствува неверојатно удобно во своето тело, но постојано живее со сомнежите дека проблемите со храната повторно ќе се вратат.
„Мислам дека повеќе ја сакам храната од пеењето. Што и да се случи, мислам дека секогаш ќе имам проблеми со храната и тежината. Кога бев тинејџер, имав сериозни проблеми со јадењето и бев многу буцкаст, а мислам дека токму тоа ме спречи порано да станам познат и успешен пејач“, вели Сем во едно интервју.
Веднаш откако интензивно почна со работа со новиот режим на исхрана и јогата, тој постојано објавува фотографии на социјалните мрежи од вкусни оброци, но и исклучително модерни дизајнерски комбинации.
Она што ние сакаме да го посочиме, е дека секогаш неговиот глас ќе ни биде најважен, бидејќи тој е пејач што едноставно не можете, а да не го обожувате!
Во галеријата подолу, погледнете ги фотографиите од неверојатната трансформација на големиот Сем Смит.