Креативната фантазија и имагинативниот набој може да родат неверојатни идеи за претворање на старите и неупотребливи предмети во нови декоративни украси, што не само што ќе го освежат вашиот домашен простор, туку и ќе ви го направат ентериерот повесел и поинтересен. Таков е случајот со старите дрвени скали. Без разлика колку е стара и неупотреблива вие можете повторно да ја вратите во живот и во функција. Прво исчистете ја и офарбајте ја во боја која ќе одговара на вашиот домашен амбиент. Откако ќе завршите со „шминкањето“ на дрвената скала, на ред се бескрајните можности на користење на вашето ново парче мебел .
Една од најраспространетите идеи е да ја трансформирате скалата во полица за книги или други предмети како рамки, вазни со цвеќе, украсни чаши и чинии... Одлично решение за да ја освежите вашата библиотека, дневна соба или трпезарија.
Дрвената скала може да ви се најде и како корисно парче мебел и во бањата. Крпите ќе ви бидат постојано средени и здиплени. Дрвената скала одлично би се вклопила и во кујната. На неа може да ги закачите кујнските садови, а може и само да ги сместите, заедно со крпите, чашите и лажиците.
Уште едно идеално решение со кое можете да ја искористите дрвената скала, а на кое најмногу ќе и се радуваат жените кои секогаш немаат што да облечат и секогаш немаат место за да ја сместат целата облека и чевли во плакарите и гардероберите. Скалата е тука да помогне без разлика дали сакате да ја користите за да ги сместите вашите омилени чевли со потпетица, кошули, фустани, маички, марами, шапки, накит, чанти и слично.
Едно парче мебел=милион комбинации. Погледнете ги фотографиите и уште денес разубавете го вашето домашно катче, бидејќи скалата се вклопува буквално во сите амбиенти, од модерни, до винтиџ, па и оние кои пулсираат во трендовскиот минимализам.