Избор на облека според телесната структура

2 септември 2013

Доволно е да знаете неколку трикови во согласност со вашата градба и ќе бидете спремни за нови освојувања.

Тип 1 – Банана

Спаѓате во оваа група доколку немате посебно изразени облини, ниту пак истакнат струк. Рамената и колковите ви се со иста ширина, а целта треба да ви биде да создадете облини. Треба да носите струкирани парчиња. За горниот дел добро би било маицата или блузата да има украс или да носите впечатлив ѓердан. Доколку не сте високи, избегнувајте премногу кратки или долги парчиња. Добро би било да носите здолништа кои се тесни во делот на струкот, а надоле широки. Од панталоните носите ги тие што се во сафари стил, а доколку носете тесни фармерки, одберете широка маица. Доколку го негувате елегантниот стил, задолжително набавете си мантил со истакнат појас.

Тип 2 – Јаболка

Спаѓате во оваа категорија доколку имате широки рамена и тесни колкови. Важно е да го истакнете струкот и да додадете волумен во долниот дел за да го изедначите со горниот дел. За горниот дел е препорачливо да носите облека со V израз, но да не биде премногу длабок израз. За горниот дел бирајте еднобојни парчиња облека и избегнувајте ги пругите. Здолништата треба да бидат струкирани, со волумен и со дезени. Кога станува збор за панталони бирајте ги оние со широки ногавици и избегнувајте тесни фармерки.

Тип 3 – Круша

Во оваа група спаѓаат дамите кои имаат широки колкови и токму поради тоа потребно е да направите рамнотежа со горниот дел. Тоа ќе го постигнете со носење на волуменизирани горни парчиња и со носење маици и блузи со длабок V израз и голи рамена. Што се однесува до изборот на боите за горниот дел се препорачуваат светли или впечатливи нијанси, а во долниот може да преовладуваат темните нијанси. Од фармерки најмногу ви одговараат оние со тесни ногавици. Бирајте широки здолништа, а за јакни и мантили избегнувајте ги оние со нагласени џебови.

Тип 4 – Песочен часовник

Ова е можеби идеалната телесна структура бидејќи сите можни варијанти на комбинација им одговараат. Внимание треба да посветат на кроевите кои не треба да бидат предолги или прекратки. За долниот дел можете да носите облека која ќе ви го истакне струкот, блузи на преклоп или класични кошули. Сите типови на панталони и фармерки одлично ви прилегаат, а препорачливо е да комбинирате широк топ со тесни фармерки и обратно. Ви одговараат сите нијанси и принтови, а за здолништа најдобро би било да ги одбирате оние кои ќе ја пратат линијата на телото.

Објавено:
2 септември 2013
Категорија: 
Направи сам