Со почетокот на убавото време, на сцена стапуваат белите фармерки. Тоа е едно од најомилените летни парчиња и речиси и да нема девојка што не сака да ги носи. Но, не секому му стојат. Тоа е едно од оние парчиња облека со кои мора многу да внимавате, бидејќи многу лесно може да направите контра ефект - да го истакнете целулитот, вишокот килограми, недостатоците на вашиот тип градба и слично.
Затоа во продолжение ви презентираме неколку совети:
-За жените со облини идеални се фармерки со големи џебови позади, бидејќи го минимизираат просторот меѓу џебовите, што знае да биде несоодветен за ваквиот тип градба. Всушност, на тој начин се создава баланс.
-Ако сте со ситна градба пак тогаш избегнувајте фармерки со ниска половина, бидејќи така и вашите сантиметри визуелно ќе се намалат. Токму затоа, оние со среден, односно висок струк, визуелно ќе ги направат вашите нозе подолги, а со тоа ќе изгледате и повисоки.
-Кога бирате фармерки, секогаш треба да внимавате добро да ви стојат на телото. Со белите фармерки уште повеќе треба да внимавате на тоа. Ако барате нешто да ве продолжи, тогаш фармерки со висок струк и ногавици кои завршуваат во блага „ѕвонарка“, во комбинација со високи потпетици се одличен избор. За веќе високите, тесните фармерки со балетанки се императив за ова лето.
-Пред да купите фармерки, забележете дали се доволно цврсти. Добро е кога малку ве стегаат. Но, само првите пати. Доколку ве стегаат постојано, тогаш не сте ја одбрале вистинската големина за вас. Фармерките со еластин, се опуштаат после само два или три часа носење, па доколку фармерките ви се до половина број потесни при купувањето, значи дека после неколку часа ќе ви бидат совршени. Изборот на претесни фармерки не е здраво, а уште ако се бели, ќе ви ги нагласат сите недостатоци.
-Важен е и џинсот од кој што се направени фармерките. Оние од „потежок“ џинс се подобри бидејќи потешко се рашируваат и убаво го обликуваат телото. Зависно од типот на фармерки што сакате да го купите, но ако купувате тесни, нека се со еластин, за пошироките модели одлични се и оние со 98 проценти памук и 2 процента еластин.
-Белото да остане бело. Ова е уште една од причините поради кои носењето бели фармерки не е едноставно. Да знаете дека после првото носење веќе се извалкани- најчесто на краевите на ногавиците и рабовите околу џебовите. Внимавајте да не носите пожолтени фармерки, мислејќи дека се бели. Исто така, при процесот на перење на фармерките, некои се служат со трик со сода бикарбона. Значи, пред испирањето на машината, наместо омекнувач, се става ¼ филџан сода, која уште повеќе ќе ги избели, а истовремено и ќе ги омекне фармерките.
-Повторно дојдовме до џебовите, бидејќи тие имаат големо влијание и во обликувањето на вашиот задник. Не е добро да бидат премногу мали. Исто така, поставеноста на џебовите е важна. Гледајте да не се ниту премногу високо, ниту пак, премногу ниско поставени. Исто така, како што се зголемуваат броевите на фармерките, така треба и џебовите да се усогласат. Џебовите од големина 32 на пример, нема да бидат убави на фармерки со број 36. Доколку се централно поставени, како што треба, визуелно ќе го зголемат и убаво ќе го обликуваат вашиот задник.