Со оглед на тоа што новогодишните празници се ближат, ние веруваме дека веќе сте испланирале некое патување низ европските градови.
Зимата знае да биде многу студена ширум Европа, па токму поради тоа мора добро да се подготвите пред да тргнете на патување.
Она што е од особено значење е со вас да понесете исклучително топла и удобна облека и да бидете подготвени за непредвидливото време.
Ние ви предлагаме неколку совети за пакувањето да ви оди многу лесно и да понесете облека во која нема да ви биде студено, а сепак ќе бидете исклучително модерна и ќе изгледате како да припаѓате на градот што го посетувате.
Панталони, фармерки, здолништа...
Панталоните спаѓаат во облека што е исклучително удобна. Заедно со фармерките тие се едни од најобожуваните парчиња кај жените. Тие се сосема соодветни за вашето патување, бидејќи истовремено се топли и неверојатно модерни. Можете да ги спакувате многу лесно, а друга предност е тоа што не се туткаат. Доколку сепак преферирате здолништа, и за тоа има решение. На празничното патување со вас понесете си го омиленото тексасно здолниште што исто така е неверојатно практично и одлично за комбинирање со топлите џемпери што ги понесовте со вас.
Џемперчиња, блузи, палта...
Ние сме сигурни дека не треба да ви кажуваме дека топлите џемперчиња се најдобриот и најстилскиот избор за во зима. Со вас на патувањето понесете ги оние најтоплите, што истовремено се и многу модерни. За секој случај, доколку ве дочека сончево време во градот каде патувате, понесете си и некое потенко џемперче што ќе може да си го облечете и да не ви биде премногу топло. Вистински хит оваа сезона се блузоните што може да се комбинираат буквално со се. Одберете си некој подебел блузон и уживајте во разгледувањето на вашиот омилен град!
Капути, јакни...
Доколку се одлучивте годинава да патувате во некој град каде сте сигурни дека ќе ве дочека многу студено време, дефинитивно со вас треба да понесете крзнена јакна што навистина ќе ве стопли. Доколку сепак не сте обожавател на јакни, погрижете се капутот што ќе го понесете да биде со соодветна должина над колената за да може убаво да се стоплите. Погрижете се крзното и евентуално кожата да бидат вашите најдобри пријатели на овогодишното патување.
Обувки...
Задолжителните обувки за патување во текот на зимата се секако чизмите за снег. Иако вие сакате да изгледате модерно со некои тренди чизми, сепак најдобро ќе биде да се одлучите за дебели чизми што никако не пропуштаат. Ваквите чизми облечете ги на вас, а доколку сепак не можете без модерните, тренди чизми понесете си еден чифт со вас во куферот или пак одлучете се за удобни патики за да немате проблеми со нозете додека сте на прошетка низ градот. Доколку сте сигурни дека нема да бидете чест посетител на вечерните забави во градот каде патувате, потпетиците и не се нешто што мора да го понесете со вас.
Модни додатоци...
Она во што сме сигурни е дека не треба да ве потсетуваме дека задолжителните модни додатоци што треба да ги понесете со вас, се капите, шаловите и ракавиците. Понесете си некое модерно, стилско капче, но никако не го заборавајте и она крзненото. Дебелите и големи шалови покрај тоа што се вистинскиот топол избор, тие се многу модерни модни додатоци за зима. Она на што може да ве потсетиме е дека оваа година апсолутен хит се шеширите, па не заборавајте да си понесете еден зимски шешир во црвена боја и да си ја пуштите косата додека ги разгледувате прекрасните знаменитости во градот каде патувате. Секако, понесете си и по некој впечатлив ѓердан, алки и часовник, иако тие можеби и нема многу да ви требаат. Секако, од дома никако не тргнувајте без вашата омилена, голема чанта во која ќе ви собере буквално се – фотоапаратот, паричникот, документите, шишето со вода, мапата и што уште не...
П.С
Никако не заборавајте ги очилата за сонце што навистина ќе ви требаат и чадорот, доколку дождот ве изненади за време на прошетката! Погледнете што да спакувате доколку се одлучивте да патувате во некој од овие градови.