Стефани Брдар по потекло е од Прилеп, но во моментов живее во Регенсбург, Германија и како и повеќето луѓе е во изолација. Инспирирана од нашите претходни содржини поврзани со декорот што ги разубавува велигденските празници, таа ја исконтактира нашата редакција со цел да даде свој креативен придонес и идеја плус, како во пресрет на празниците, креативно да го искористите слободното време.
Пријатно се изненадивме од целата идеја и реализација на нејзините рачно декорирани велигденски јајца и украси, што секако може да ви послужат како инспирација како да ги украсите велигденските јајца на вашата трпеза.
„Од мала го поседувам тој креативен дух. По природа сум хиперактивна, сакам да учам нови нешта, сакам да патувам, да запознавам нови култури и традиции", ни рече Стефани која акумулираната енергија ја насочува на создавање уникатни декорации во времето што сега го има на располагање во домашната изолација.
При постапката на декорирање, таа користи различни материјали и бои, како хартија, памук, налепници, што добиваат уникатен лик и форма, благодарение на нејзината широка имагинација.
Покрај велигденските декорации, особено внимание меѓу нејзинте последни изработки заслужува и тематиката директно инспирирана од актуелната ситуација со пандемијата, преку која Стефани упатува благодарност до здравствените работници, но и апел до сите останати да се придржуваат на упатствата за колективно добро.