Имаме многу за што да му заблагодариме на Елио Сорчи, италијански уличен фотограф заслужен за измислување на „paparazzi“ фотографијата. Во 1960 – тите години, италијанската престолнина, Рим бил гламурозен центар каде се собирала Холивудската елита од тоа време. Во Рим била лоцирана и фамозната фабрика за соништа или Cinecittà Studios, каде се создавала целата филмска магија и каде модните икони ги соблекувале чевлите на висока потпетица за да уживаат во „убавиот живот“ (la bella vita). Имено, самиот термин „paparazzo“, за првпат се спомнува во филмот на Федерико Фелини „La Dolce Vita“.
Елио Сорчи својата фотографска кариера ја започнува како волонтер во фотографскиот оддел на дневниот весник Il Giornale d’Italia во 1932 година. До 1950 – тите, Сорчи веќе има доволно искуство во фотографскиот занает и разработен план и стратегија за тоа како да добие квалитетен кадар и тоа од позната личност. За да добие ексклузивна фотографија, Сорчи се криел под автомобил на сет за време на снимањето на филмот „Клеопатра“ во 1962 година. Подвигот на фотографот резултираше со фотографијата каде се бакнуваат Тејлор и Бартон, кадар кој беше сведок за нивната љубовна афера.
„Јас имав цел, а Макијавели вели дека целта ги оправдува средствата. Јас морав да имам фотографија која ќе биде објавена во утринското издание на весникот и на тој начин да ја заработам мојата плата, затоа и почнав да се занимавам фотографирање кадри кои нема да ги има во ниту еден друг печатен медиум. Ми беше и голем предизвик морам да признам, бидејќи тоа беше револуција во фото – новинарството. Забранети беа да се прават такви фотографии, не можам да објаснам како и зошто јас успевав тоа да го направам толку добро “, вели во една прилика Сорчи.
До 1955 година, Сорчи основа своја маркетинг агенција и гради тим од млади талентирани папараци фотографи и полека им ги открива тајните на занаетот. Всушност првиот чекор кој Сорчи го прави за да дојде до важни информации за ѕвездите е со поткупување на келнери, вратари и асистенти кои се во блиски контакти со познатите личности и на тој начин прв ги има информациите за нив.
„Папарацо е млад, безгрижен, среќен човек кој го заработува својот леб со ствање на другите луѓе во незгодни ситуации без притоа да ги зема во предвид ризикот или последиците на кој ги изложува познатите“, објаснува фотографот.
Сите луѓе кои биле дел од јавниот живот во тоа време, политичари, членови на кралските семејства, актери, актерки, музичари, дипломати, па дури и самиот папа не биле поштедени од острото око на Сорчи, но сепак немале предрасуди, ниту пак лошо мислење за него и неговиот тим ловци, кои на тој начин го заработувале лебот. Сорчи успеа да го покори светот со својата фотографија и до 1963 година беше именуван за најскапо платениот фотограф во светот, а ја има добиено и наградата „Paparazzo d'Oro“.
Во негова чест издавачката куќа Roads ја состави и првата монографија на Елио Сорчи во која е вметната четиридецениската работа на фотографот. Во книгата се објавени кадри од улична мода во тоа време со сосема случајни ликови, но има вметнато и фотографии од култните Софија Лорен, Грејс Кели, Одри Хепберн, Анита Екберг, и многу други. Она што е особено важно е да се напомене дека ова книжевно издание е во ограничена верзија и содржи навистина луксузна презентација на целото творештво на Сорчи. Интересно кај овој фотограф е што и покрај фактот дека правел папарацо фотографии сепак квалитетот на кадрите кои се во црн – бел тон се многу квалитетни и откриваат интимни детали од животот на ѕвездените диви и џентлемени од тоа време. Особено впечатливи се портретните фотографски кадри од познатите личности на кои не само што се гледа мајсторството на фотографот, уметничкиот квалитет, туку ранливата природа на познатите кои во тоа време единствено нешто што сакале е да доаѓаат во Рим и да го живеат слаткиот живот буквално во еден здив.