„You can only design what you know“.
Хајдер Акерман, визионерски поет, космополит, и дизајнер кој на еден суптилен начин во својата дизајнерска уметност ги спојува двата света, Западот и Истокот.
Роден е во Санта Фе де Богота, Колумбија во 1971, но бидејќи останал без родители, бил посвоен од француско семејство. Акерман во текот на детството постојано го следел неговиот татко кој работел како картограф и бил на постојана релација Африка, Франција и Белгија. Во 1994 година заминувал за Белгија, каде студирал три години на престижната Кралска Академија за ликовни уметности во Антверп. Факултет во рамките на кој се образувале таленти како Ен Демулеместер, Дрис Ван Нотен и Дирк Бикембергс. Во текот на студиите стажирал кај Џон Галијано. Во 1998 година почнал да работи и како асистент на неговиот поранешен учител во Академијата Вим Нилс, помагајќи му во креирање на машки и женски колекции облека. Тоа се неговите почетоци и неговата прва можност да „ѕирне“ во богата ризница на модниот свет.
Никогаш не ги завршил своите студии, но во 2001 година ќе го има својот прв самостоен дизајнерски настап во Париз, со неговата прва колекција. Неговите сензуални меки кроеви и елегантни линии, ќе го привлечат вниманието на купувачите и спонзорите, па како резултат на тоа веднаш после неговото дебитирање ќе биде ангажиран како главен дизајнер во италијанската фирма за производство на облека и кожи Ruffo. Договорот кој што ќе го склучи го обврзува да креира две колекции за овој бренд, кои ќе бидат целосно во духот на неговиот дизајн и начин на кој тој ја гледа модата.
Овој чекор ќе биде отскочна даска во неговата кариера и во 2004 година ќе ја добие престижната награда „Swiss Textiles Award“, на Гранд фестивалот за мода. Од 2005 година неговото име ќе ги потпишуваат колекциите за етикетата Bvba32.
Под влијание на поетиката и стилот на неговиот идол, дизајнерот Ив Сен Лоран, Акерман создава павец кој е мешавина на конусни форми и чисти бои, речиси симболични, заробени во времето на неговите многубројни патувања. Креира концепт кој составува контрадикторни естетски сетила, кои резултираат со облека во асиметрични форми, користење на различни материјали и ткаенини, но секогаш дизајнирани во неверојатно модерна, софистицирана женска силуета која е на граница помеѓу андрогеноста и елеганцијата.
Негов препознатлив знак е креирање на совршена линија со вметнување на тешки материјали како свила и кожа кои брановидно паѓаат низ женското тело, нагласувајќи ја фигурата. Неговото творештво наликува на стилот на големите јапонски дизајнери, како Реј Кавакубо.
Друг елемент кој Хајдер го вметнува во своето модно изразување, а и припаѓа на јапонската мода се трансформациите на кимоното како традиционално парче облека на гејшите во јапонската култура. Она што најмногу го привлекува Акерман е всушност двосмислената порака која ја праќаат неговите креации и тој секогаш тежнее да им даде таков белег. Континуирана потрага помеѓу можното и невозможното и мноштво алтернативи на кроеви кои што го прават единствен во создавањето на вакви модни визии.
Неговиот талент бил забележан од страна на голем број дизајнери, а особено од Карл Лагерфелд, и веќе многумина тврдат дека ќе биде негов наследник, а други пак сметаат дека тој ќе го преземе главното кормило во модната куќа Диор. Неговите креации наликуваат на уметнички слики од доцниот период на Ренесансата, игра на бои, текстури, сенки, нијанси и форми како што само еден сликарски уметник може да направи.