Оливија Лопез го лансираше својот неверојатен блог Lust for Life уште кога имаше 14 години, по што за многу кратко време стана една од омилените блогерки во светот.
Доволни ви се само неколку минути разгледување на нејзиниот блог за да сфатите дека оваа Мексиканка едноставно го обожува животот, особено патувањата, архитектурата и добрите комбинации.
Покрај како блогерка, Оливија е позната и како фотографка, пишува за модни магазини, а повремено работи и како креативен консултант.
Нејзиниот фантастичен стил се одликува со љубов кон едноставните и шик комбинации, а таа е идеална инспирација за сите девојки.
Таа вели дека уште како тинејџерка за нејзиниот стил се инспирирала од музичари од 60 – тите и 80 – тите, па и денеска во својот плакар има маички од Морисеј, Иги Поп и уште многу други омилени музичари. Обожува да носи кожени и тантелни парчиња, што можеме да забележиме и по нејзините секојдневни комбинации.
На социјалната мрежа Инстаграм има повеќе од 300.000 следбеници, а нејзиниот блог го доби името по песна на Иги Поп која всушност стана и нејзино животно мото.
Во ексклузивно интервју за српското издание на магазинот Ел, оваа девојка говори за патувањата, модата и нејзината омилена летна дестинација – Мексико.
За себе ќе каже дека сака да го пронајде вистинскиот луксуз во најдобрите работи кои можете да ги добиете од животот, како храната, пријателите и летните авантури.
Иако ќе каже дека го обожува Мексико, оваа година патувала во Порто во Португалија и топло го препорачува овој град во кој се заљубила.
„Таму постои огромен број на неверојатни слатки кафулиња, уметнички галерии, прекрасни хотелчиња кои се совршени за да избегате од градот“, вели Оливија.
До крајот на 2016 – тата таа вели дека ќе продолжи да работи на својот блог, но ќе отвори и нов, специјализиран за патувања на кој особено се радува.