Кристин Сентенера важи за влијателен лик во светската модна фела, која покрај чувството за стил, добро го има „изострено" и чувството за бизнис.
По 10 години поминати во Харперс Базар, во 2012 година таа го прифати предизвикот и застана на чело на австралиското издание на Вог.
Во нејзиното портфолио се запишани низа холивудски ѕвезди кои ги стилизирала како Наоми Кембел, Кејт Бланшет, Ким Кардашијан, Миранда Кер, Кара Делевињ и уште плеада други.
Во 2017 година, таа и нејзиниот партнер Џош Гот го лансираа брендот Warderobe NYC, со што направија сериозен, а од денешна перспектива и многу успешен, бизнис потег.
Со лансирањето на брендот таа се пресели во Њујорк од каде и раководи со австралискиот Вог.
Нивниот концепт вклучува продажба на базични модни „униформи", односно сетови од 4 или 8 парчиња, со базична естетика која лесно може да се стилизира според личните преференции.
И се разбира, нејзиниот стил е посебен. Дури и кога носи волуменозни парчиња (а тоа го прави често), секогаш до израз доаѓа женственоста. Обожува структурирани силуети, нагласени рамена и скулптирални форми, но секогаш дозирани со елгантната црна боја. Во принцип, не е голем фан на колорит и принтови, но понекогаш знае да направи микс кој не остава простор за рамнодушност.
Фото: Пинтерест