Денешниот стилски двобој го посветуваме на македонскиот дизајн. Инспирирани од последното издание на Моден викенд Скопје, ви претставуваме две креации за актуелната, пролет-лето сезона.
Со оглед на тоа дека речиси сите сакаме во топлите денови да носиме облека во бела боја, ние одбравме два фустана.
Првата креација е со потпис на дизајнерката Росица Мршиќ.
Фустанот без ракави, со должина до колена содржи во себе елегантна и префинета нота. Благата асиметричност во долниот дел, како и парчето на левата страна од фустанот и наборите во пределот на околувратникот, го прават интересен и несекојдневен. Црниот ремен е впечатлив моден додаток кој ја „разбива“ монотонијата на белата боја.
Дизајнерката Ирина Тошева во својата колекција понуди фустан во кој многумина би се замислиле, чекорејќи по плажа. На преклоп и со впечатливи ревери, фустанот ја следи линијата на телото, но сепак со доволна комоција. Половината е истакната со ремен од истиот материјал, а за моден додаток е масивна алка и шапка, што придонесуваат за ретро гламур.
И додека го исчекуваме сонцето и топлите денови, во чија креација се замислувате?