Велигден ќе помине, а веруваме дека во ладилникот кај секој ќе останат варени јајца со кои можете да направите некој супер рецепт барем уште денеска.
После недела дена стоење, веројатно ќе се и последните денови кога можете да ги јадете велигденските јајца со оглед на тоа што се сварени веќе неколку дена, па ние во продолжение ви презентираме неколку рецепти, совршени за овој период, а и за остатокот од велигденските јајца.
Пилешка салата
Потребни ви се неколку листови зелена салата, 100 грама бело грозје, 300 грама сварено бело месо и две сварени јајца. Направете и вкусен прелив со две чаши јогурт, една лажица сенф, две лажици мајонез и зачини по избор. Јогуртот, сенфот, зачините и мајонезот добро измешајте ги и оставете ги настрана. Измијте ги листовите салата и исечкајте ги во длабок сад. Одозгора ситно исечете го белото месо и сварените јајца, а потоа и парчињата грозје. На крајот, прелијте со вкусниот сос.
Ница салата
За оваа вкусна салата потребни ви се едно варено јајце, еден домат, една краставица, една пиперка, конзерва туна, малку црни маслинки, еден кромид, малку зелена салата, маслиново масло, сок од лимон и малку сол и бибер. Јајцата и доматот исечете ги на крукчиња, краставиците на коцки, пиперките и кромидот по желба. Зелената салата исечете ја во сад за сервирање и додадете го целиот зеленчук, ставете малку лимон, сол и бибер и маслинките одозгора.
Француска салата
Потребни ви се 300 грама Рокфор сирење, две јајца, три домати, три лажици грашок, кромид, четири лажици тартар сос, четири лажици павлака, малку сок од лимон, лажица јогурт. Сирењето и јајцата исечете ги на коцки, ставете ги во длабок сад и додајте им ги доматите, грашокот и кромидот. Измешајте го тартар сосот со павлаката, сокот од лимон и јогуртот и со тоа прелијте ја салатата. Оставете ја малку да постои во ладилник и послужете.
Салата со шунка и јајца
Потребни ви се три јајца, 250 грама шунка, еден рендан морков, 100 грама макарони и малку сос од мајонез, павлака и сенф со сол и бибер. Белките од јајцата исечете ги на коцки, а жолчките згмечете ги и измешајте ги со шунката. Во садот додајте ги и макароните, па сето тоа зачинете го со сосот од мајонез, павлака и сенф. Зачинете по желба и одозгора украсете со морковот и малку магдонос.
Палачинки со фил од јајца
За палачинките потребни ви се 350 грама сварени компири, 150 грама брашно, малку масло и сол. За филот: Четири јајца, 150 грама сварени компири, 150 грама мајонез, 300 грама сварен мешан зеленчук, кромид, 30 мл. оцет, малку кисела павлака, чили сос и бибер. Прво направете ги палачинките, односно во еден длабок сад добро изгмечете ги компирите, ставете брашно и малку масло и направете тесто. Направете неколку топчиња од тестото, поминете ги со сукало и пржете ги од двете страни. За филот, јајцата и компирите исечкајте ги на ситни парчиња и помешајте ги со ситно сечканиот кромид и сварениот зеленчук. Мајонезот помешајте го со оцетот, па потоа и со јајцата и зеленчукот. Посолете и повторно измешајте, па наполнете ги палачинките со смесата и одозгора со соја сосот и малку павлака.
Торта од пиперки
Потребно ви е едно пакување тост леб, 10 печени пиперки, 400 грама мајонез, две павлаки, четири кисели краставички, четири сварени јајца, 250 грама шунка, 100 грама фета сирење, малку кечап и 150 грама кашкавал. Измешајте го мајонезот со една павлака, па поделете го на три дела. Во првиот дел додајте ги исечканите краставици и јајцата. Во вториот дел додајте ја ситно исечканата шунка, фета сирењето и кечап по желба. Во третиот дел измешајте го ренданиот кашкавал и уште една павлака. Печените пиперки исечете ги на тенки ленти. Во сад, наредете шест парчиња леб без корка, па нанесете го првиот фил. Врз него, ставете неколку ленти пиперки, па повторно ставете парчиња леб. Ставете и од другиот фил, па уште еден ред пиперки и повторно леб, па одозгора целата торта премачкајте ја со третиот фил и украсете по желба.
Полнети јајца
Доколку пак сакате некој полесен рецепт за традиционално македонско „мезе“, полнетите јајца се одличен начин да ги израдувате гостите. Полнете ги со што и да посакате почнувајќи од сенф, мајонез, павлака, сирење, разни сосови и што уште не. За поинтересен изглед и вкус, извадете ги жолчките од јајцата и ставете ги во сосот со кој планирате да ги полните белките, а белките пак, измешајте ги во едно матено јајце и презла и кратко пржете ги во масло.
Добар апетит!