Со оглед на високите температури, не постои подобар предлог-рецепт за викендов (или за било кој друг ден) од сладолед.
Овој што ние го предлагаме е со вкус на кокос, брз и едноставен, а и здрав.
Потребно:
1 конзерва (околу 380 мл) кокосово млеко ; 1 конзерва (околу 420мл) засладено кондензирано млеко; 1 шолја кокос; 2 лажици нарендана кора од лимета; 1 лажица сок од лимета; + модли за сладолед на стапче и дрвени стапчиња за сладолед
Подготовка:
Сите состојки ставете ги во блендер и блендирајте на висока брзина, се' додека кокосот не се соедини со млекото и додека смесата не стане мазна и конзистентна.
Така подготвената смеса ставете ја во модлите за сладолед (треба да бидат речиси сосема полни), па ставете ги во замрзнувач околу два часа.
После тоа, извадете ги модлите од замрзнувач и во секоја ставете стапче за сладолед и вратете ги модлите во замрзнувач уште околу два часа, а слободно може и повеќе. Може и да преноќи сладоледот. Кога ќе посакате да го пробате, извадете ги модлите и малку ставете ги во топла вода, па полека извлечете ги сладоледите.
Совет повеќе:
Наместо лиметата можете да користите и други ароми или овошје по желба. Еве неколку предлози:
1 лажичка екстракт ванила, 1/4 шолја малини, 1/4 шолја боровинки, 1/4 шолја исечкани јагоди, кора од лимон, сок од лимон, или кора и сок од портокал.
Можете да направите и различни вкусови, па да ги комбинирате. Ако модлите ви изгледаат комплицирано, тогаш ставете ја смесата во пластичен сад за сладолед и послужете го во форма на топки.