Македонската модна сцена изобилува со креативци што дизајнираат автентичен дизајнерски накит. Најголем дел од нив се квалификувани во израборката на накит и аксесоари, но има и такви чие хоби и пасија кон оваа креативна дејност преминала во професионална преокупација.
Честопати ги среќаваме по базари за рачни ракотворби, изложби или на промоција на нивните нови ремек дела во нивните работилници и ателјеа, но пошироката домашна јавност, со чест на исклучоците, како се' уште да не ја стекнала навиката да купува македонски дизајн, па најчесто нивни клиенти се странски туристи кои од нашава земја сакаат со себе да понесат драг спомен дефиниран во уникатно парче накит.
Материјалите и техниките што ги користат при изработката се различни, честопати необични, што ги прави оригинални и уште повозбудливи.
Глигор Кузмановски прави минијатурни ремек дела од дрво, што се толкку прецизно изведени, до совршенство.
Нина Симовска пак, која се потпишува зад етикетата Just Because ги користи патентите како нејзин заштитен знак и ги имплементира во речиси секоја нејзина креација: ѓердани, алки, обетки...
Неодамна, двоецот Еклектика, во архаичниот амбиент на нивната работилница во Капан Ан ги промовираше новите летни дизајни на уникатни сетови од прстени, алки, ланчиња и други модни додатоци.
„Crossover“ е насловена новата, тотално фанки колекција на Еми Норис која пак како носечки елемент на истата ги избра врквите во различни бои и донесе нова, колоритна свежина во нејзиниот дизајн.
Двете модни блогерки Кристина и Марија, кои заедно ја развиваат приказната за Design&Berries, уживаат во играта со формите и боите и создаваат урбан накит за девојки кои сакаат да се издвојат од мнозинството, а обично нивниот фокус е на синџирчињата и беџовите со интересни пораки.
Домашен уникатен дизајн на накит е одличен избор за освежување на вашиот летен имиџ! Така ќе ја поддржите домашната модна сцена, а од друга страна ќе се почeстите со уникатно задоволство.