Очилата за сонце за следната сезона стануваат се почудни! Благодарение на колекциите на дизајнерите за пролет/лето 2014, изгледа дека за да бидеме шик и модерни ќе ни требаат тотално необични очила.
На модната недела во Њујорк, Џереми Скот претстави мачкасти очила за сонце во многу бои што навистина изгледаа интересно. Сосема симетрични, повторно мачкасти очила за сонце претстави и Прабал Гурунг во комбинација на црна и беж боја.
Во Париз пак, меѓу другите, Jean Charles Castelbajac ни претстави младешки очила за сонце во форма на усни по кои многумина полудеа.
Македонскиот дизајнер Марјан Пејоски како дел од познатиот бренд KTZ ни понуди пар очила кои навидум изгледаа како оние за скијање, но во малку по софистицирана форма.
На вас останува дали ќе се одлучите за некои од овие модели на очила за сонце со кои ќе ја дочекате пролетната сезона или пак ќе се држите до старите добри рејбанки или Одри Хепберн очила.