Првиот машки моден додаток кој наликува на вратоврска датира од III век пред нашата ера, а случајно бил пронајден од армија војници кои го откопале гробот на Чин Ши Хуанг, владетел на небеската империја. Владетелот ја носел врзана околу вратот како шамија. Три века подоцна со преселбите на народите во Западниот свет е пронајден првиот прототип на модел на вратоврска. Званично документирана вратоврска имаме во 113 година после нашата ера кога Тројанците ја прославувале победата над Дакијците. Некои од римските легионери од страна на сликарите кои биле присутни на забавата се насликани со парче шамија околу вратот под која имало железен оклоп кој им бил повеќе во функција на заштита отколку моден додаток.
Луј XIV
Вистинските носители и промотори на вратоврската се појавиле во XVII век. Група на Хрватски платеници се нашле во служба на кралот на Франција Луј XIV, кој ги ангажирал да се борат на негова страна во војната која траела триесет години и тие задолжително морале да носат едноставна лента направена од свила околу нивниот врат како белег на нивната воена униформа. Всушност наредбата на кралот во тоа време била во зависност од тоа на која воена единица припаѓа војникот околу вратот задолжително да носи лента изработена од муслин, свила или памук.
Лорд Брумел
Во поголемиот број случаи краевите од марамите или лентите виселе пуштени на градите и тоа во форма на панделка, со набори или слободно пуштени. Се претпоставува дека зборот вратоврска е деформација од хрватското (in francese croate), па затоа и Французите го усвоиле како кравата (cravatа). Се смета дека најдобрата армија во тој период се токму Хрватите кои имале и највпечатливи воени униформи, со особен акцент на делот под грлото (подгушница) каде ги врзувале своите вратоврски. Како обожавател на вратоврската првенствено во општествени аристократски кругови во тоа време е токму кралот Луј XIV, кој впрочем и наредил во неговиот двор сите мажи да ја носат како заштитен дрес код. Со текот на годините и инспирацијата на луѓето марамата еволуирала, па почнала да се изработува и од тантела на која и се додавале и скапоцени брошеви и имала форма на скалест водопад благодарение на фалтираните делови, а имало и такви вратоврски кои се изработувале исклучиво од свила и имале облик на панделка која можела, но не секогаш била декорирана со впечатлив брош.
Војводката од Лавалиер, инаку миленичка на царот, успева вратоврската да ја вметне и во женскиот стајлинг, заврзувајќи ја прв пат на еден прием, каде привлекла големо внимание и бурни реакции од страна на аристократите. Приказната потоа се шири во Англија. Таму вратоврската ја носат само богатите граѓани и dandy мажите, како на пример Лордот Брумел кој сакал да носи исклучиво бела вратоврска. Вратоврската станува огледало на неговото време и основен моден машки додаток на модните трендови кои следеле потоа.
После многуте трансформации на шамијата и лентата кои служеле како модни додатоци за врат, вратоврската својот облик кој наликува на денешниот го добива во 20-тите години, благодарение на њујорчанецот Џеси Лангсдорф кој ја модернизирал вратоврската со тоа што го вовел методот на сечење на врвот на кравата под агол од 45 степени, со што добил шпицест, наместо рамен врв. Од тогаш ова е релевантен метод и начин на кој треба да се врзува една вратоврска кој со текот на годините се менувал во согласност со модните тенденции.
Како што во 1935 година објавува весникот Corriere delle Dame „La cravate c'est l'homme или „Вратоврската тоа е мажот“, вратоврската станува синоним за машка елеганција и моден аксесоар од суштинско значење кој го дефинира машкиот изглед и стил.
Во поглед на изборот на бои, дезени и материјали од кои може да биде создадена една вратоврска нема ограничувања, освен во делот на големината на јазолот. Во 30-тите години војводата од Виндзор преферирал гломазен и впечатлив јазол, па затоа во тој период особено се афирмирал масивниот дизајн на вратоврските, што не е случај подоцна кога со текот на годините и еволуцијата на правците и тенденциите во рамките на модата, јазолот се менувал и тоа не зависело само од актуелните трендови, туку и од возраста. Така повозрасните мажи сепак останале доследни на подебелиот јазол, додека помладите секогаш се одлучувале за потенкиот, а заедно со нив и жените на кои пак, поради нивната физиономија не им одговара вратоврска со голем јазол.
Кога станува збор за вратоврски, не може, а да не ја спомнеме најпозната компанија која ги изработува најфините и најлуксузните вратоврски во светот, Маринела. Компанијата има семејна традиција на изработка на вратоврски кои се карактеризираат со висок квалитет на материјали, дизајн и стил. Брендот го создал Еугенио Маринела, кој отворил мала продавница во Неапол со цел таа да прерасне во најдобрата компанија за креирање вратоврски која како во тоа време така и денес ја задржува својата репутација пред се поради квалитетот и дизајнот. Маринела е дел од стилот на членовите на кралското семејство, познати претседатели и луѓе кои припаѓаат на високото општество.