Wolford е првата станица на многу дами кои се во потрага за одлични модели на чорапи и хулахопки, па поради ова не треба да звучи чудно фактот што овој бренд веќе години наназад постојано се наоѓа меѓу најдобрите на скалата на најпопуларни брендови.

На етикетата не можеше да и одолее и „џебната Венера“, австралиската поп ѕвезда, Кајли Миног, која во својот спот „Sexercize“, одбра да ги носи атрактивните модели токму на Wolford.

За ексклузивната колекција за сезоната есен – зима 2014,  фотографот со светска слава Марио Тестино изработи одлична рекламна кампања. Визуелната перцепција е поинаква во однос на стандардните фотографии. Имено, фотографот спојува три кадри во една фотографија на кои во преден план се ставени клучните новитети од колекцијата за оваа студена сезона.

„Многу сме возбудени од соработката со култниот фотографски виртуоз Марио Тестино, кој изработи навистина невообичаен едиторијал. Фотографиите дефинитивно ќе ја зацврстат веќе постоечката емотивна врска која ја имаме со нашите купувачи, но ќе привлечат и нови“, изјави Аксел Дреер – портпарол на брендот Wolford.

Улогата на секси и заводлива дива и припадна на шведската актерка и модел Каролин Винберг, пред сè поради специфичната фацијална експресија и долгите нозе.

Објавено:
7 ноември 2014
Категорија: 
Модни додатоци