Секоја колекција од висока мода е карактеристична по необичните кроеви, уникатни материјали, везови и изобилството од рачна изработка, која вклучува имплементирање и на најситните детали, што може да се перцепираат само одблизу. Токму деталите се тие што ја прават една колекција од висока мода да биде уникатна и посебна. Fashionel секогаш е во тек со големите модни случувања, од кои секојдневно ве информираме за секој еден сегмент. Овој пат, ви нудиме едно „магично“ зумирање кон едни од највпечатливите детали од котур колекциите претставени на модната недела во Париз. Шанел, Жан Пол Готје, Скепарели, Ели Саб, Валентино, се само некои од големите имиња чии детали ги издвоивме во обемна фото галерија. Од повеќето во колекциите, во едно сме сигурни, дека салонките се мултинаменскиот аксесоар без кој не поминува ни колекција од висока мода.
Jean Paul-Gaultier
Кога веќе почнавме за обувките, ред е да се спомене дека оваа сезона на висока мода во Париз навистина изненади. Можеби веќе нагодувате, но најнеобичниот момент во однос на обувките беше спојот на патики и романтични, елегантни и префинети луксузни креации од модната куќа Шанел. Сега веќе и патиките добија котур момент, изработени од тантела, шљокици и светкав конец, можеби не се многу применливи, но се одлични за индивидуалци со истенчен вкус.
Chanel
Со необичните форми и линија на обувките, изненадија и од Диор, кои прикажаа закосена потпетица во геометриска форма и основа прекриена со сребрена нијанса метална мрежа. Ново- стариот момент кој го забележавме од обувките, е ремчето во задниот дел кај петата од салонките, кое подолг временски период го сметавме за ретро. Брендот Скепарели на писта ги донесе рамните сандали, надополнети со вештачка трева, како и такви со пердуви, но, од опција не беа исклучени ниту лакираните балетанки, додека пак оние на Валентино, беа во пастелна и сива нијанса, украсени со тенки преплетени врвки што потсетуваат на балетанките на професионалните балерини.
Valentino
Накитот што дополнително ги збогатуваше креациите, главно беше инспириран од природата и архитектурата. Алките и ѓерданите од повеќето колекции беа исто толку впечатливи, пред се поради масивноста која симболизираше цветови изработени од ситни драгоцени камчиња, кристали и бисери. Суптилни и минималистички алки и ѓердани имаа само Диор, кои замислиле накитот да не одвлекува внимание и да биде изработен од тенка врвка обликувана во малечка панделка.
Dior
Необични беа и шапките изработени во апстрактна форма збогатена со цветови, пердуви и листови. Зборовите никогаш не се доволни да се опишат деталите од луксузните колекции, затоа во продолжение ги имате фотографиите од кои најдобро ќе го погледнете она за што зборувавме погоре.