Театарот Нокиа, во Лос Анџелес, вчеравечер беше домаќин на 42 – то издание на Американските музички награди. Номинациите за најпопуларните изведувачи и албуми за 2014 година беа објавени на 13 октомври, 2014 година. Обожавателите и жири комисијата имаа временска рамка од еден месец за да одлучат во чии раце ќе отидат наградите оваа година. Вечерта беше исполнета со различни музички и модни вкусови. Изгледите варираа помеѓу екстравагандност и елеганција, имаше и такви кои за да привлечат инстант внимание претераа во изборот. Сепак, севкупниот впечаток е дека умереноста, асиметричните и сјајните изгледи се во фокустот на црвениот килим на Американските музички награди, оваа година.
Апсолутни победници на манифестацијата со освоени повеќе награди во различни категории се популарната група One Direction. Музичката група се закити со статуетка за најдобар поп – рок изведувач на годината, најдобра поп – рок група на годината и најдобар поп – рок албум на годината. Сосема оправдано на листата изведувачи кои изминатата ноќ добија повеќе статуетки се најде и шармантна Кети Пери. Пејачката победи во категориите: песна на годината, најдобар женски поп – рок изведувач и омилен изведувач според гласовите на публиката. Најдобар рап – хип хоп изведувач е Иги Азалеа, која ја освои наградата и во категоријата најдобар рап хип хоп албум на годината. За најдобар латино изведувач е прогласен Енрике Иглесиас, додека најдобар машки соул – R&B изведувач на годината е Џон Леџенд. Бијонсе, исто така зема награди во неколку категории. Според гласовите на публиката и одлуката на стручното жири таа се закити со наградите најдобар женски соул – R&B изведувач и најдобар женски соул – R&B албум на годината.
Гламурозниот настан на црвениот килим ги собра не само наградените музички ѕвезди кои дојдоа да си ги подигнат своите признанија, туку и голем број познати личности од светот на модата, филмот и шоу бизнисот.
Џенифер Лопез беше една од холивудските диви која со својот изглед успеа да им го привлече вниманието на фоторепортерите и папараците. Латино пејачката носеше асиметричен миди фустан во сјајна пастелно розова нијанса, дело на Рем Акра, во комбинација со чевли на потпетица од Кристијан Лубутан и дијамантски обетки од Норман Силвер.
Во мошне елегантна креација како гостин на Американските музички награди се појави миленичката на тинејџерската популација Селена Гомез. Пејачката се одлучи за долга црна тоалета со гол грб, потпишана од Армани Приве.
За елегантно црна креација се одлучи поранешната членка на групата Black Eyed Peace, Ферги. Таа на настанот пристигна во макси фустан со впечатлив шлиц во предниот дел во комбинација со златни детали, дело на Халстон Херитаџ и потпетици од последната колекција на Версаче Версус. Американската актерка и пејачка Џордин Спаркс, како и Ферги се одлучи на црвениот килим да зачекори во светкав фустан исто така од брендот на Халстон Херитаџ во комбинација со чевли на потпетица, потпишани од модното дуо Долче и Габана.
Во впечатлива жолта креација на црвениот килим се појави и шарманатната Рита Ора. Таа специјално за свеченоста се одлучи за макси тоалета која се влече во задниот дел и ја следи силуетата на нејзиното тело, дело на Зак Посен.
Мошне популарни иако не во полн состав беа и сестрите Кардашијан кои успеаја да го привлечат вниманието на себе. Клое Кардашијан пристигна во креација на Версаче Версус. Станува збор за црн коктел фустан украсен со специфичен детаљ од едната страна. Кајли Џенер, се одлучи да заведува во црвена лелеава сатенска креација со маркантен шлиц и длабоко деколте во предниот дел, модел на Александар Вотиер, а Кендал Џенер која полека но сигурно го освојува модниот свет пристигна во црно-бела тоалета на Јигал Азроел.
Супермоделот Хајди Клум се одлучи за фустан со интересен крој, од модната куќа Версаче, додека моделот Џиџи Хадид пак, ја видовме во делумно андрогена креација. Станува збор за женски костим од модниот бренд Прабал Гурунг.
Со впечатливите стајлинзи на црвениот килим се издвоија и американската актерка, модел и ТВ – лице Оливија Мун која носеше креација на Ланван. Британската актерка и пејачка Шарлот Ема Аткинсон или попозната под псевдонимот Чарли XCX, се појави во модел на Вивен Вествуд, додека црномурестата актерка од Зимбавме Данаи Гурура, пак во макси фустан со зелен принт, модел на Наем Кан. Кејт Бекингејл, се прошета во бел фустан со деколте во V – израз, дело на Кауфманфранко. Американската пејачка и танчарка Џулијан Хјуг, ја видовме во креација на Зухаир Мурат, додека нејзината колешка Зендаја Колман во фустан на Џорџин.
Но, сите кои се појави на црвениот килим не заслужија само позитивни оценки. Таков е случајот со Блеона, познатото ТВ – лице кое се појави во мрежест долг фустан кој целосно ги истакна нејзините атрибути кои само делумно затскриени со метални плочки на градите и танга гаќи. Се чини дека водителката го одбрала погрешниот начин за да привлече внимание.
Во улога на домаќин на манифестацијата го видовме легендарниот Фарел, кој со својата енергија создаде пријатна атмосфера и заедно со изведувачите се забавуваа на сцената во Нокиа Театарот. Во продолжение еве дел од најмаркантните и најубавите стајлинзи кои продефилираа на црвениот килим вчеравечер во Лос Анџелес: