Викендов беше навистина забавен за сите љубители на телевизијата кои покрај долго очекуваната премиера на Game of thrones, можеа да уживаат во лансирањето на новиот албум на Бијонсе прикажан преку бројни видео записи на HBO.
Сосема очекувано, Интернетот се „сруши“ откако веднаш потоа нејзините обожаватели непрестајно пишуваа за она што музичката икона го направи, а бројните портали и магазини објавуваа фотографии од кусиот филм насловен како „Lemonade“.
Имено, станува збор за музичко уживање во траење од околу еден час во кое можевме да ја видиме пејачката во уникатни стајлинзи како ги изведува емотивните 12 песни со уште поемотивни видео записи како дел од нејзиниот нов албум.
Премиерата на Lemonade ќе остане запаметена по фантастичните текстови на песните, по уште пофантастичните луѓе што се појавуваат во спотовите, по музичката дива која одбра Гучи, Роберто Кавали, Yeezy, Брендон Максвел како дел од супер стајлинзите, но и по неверојатно добрата кинематографија и фотографии што се дел од овој проект.
Во дел од видеото може да видите и досега необјавени интимни снимки од пејачката и нејзиниот сопруг и ќерка, но и од нејзиниот татко и семејство, свадбата со Џеј Зи, периодот кога била бремена и уште неколку други прекрасни моменти.
Во една од песните насловена како „Sorry“, таа пее за неверен сопруг, по што веднаш започнаа шпекулациите дека песната е всушност наменета за нејзиниот сопруг Џеј Зи, со кого пак може да се види во навистина среќни моменти од животот во истото видео.
„Ги гледам во аголот...Се искрадуваат од задната врата...Тој ме сака само кога не сум таму...Тогаш подобро нека ја викне Беки со добрата фризура“, дел од текстот на песната Sorry која предизвика бројни контроверзии викендов.
Новиот албум на планетарно популарната Бијонсе можете да го симнете ексклузивно преку мрежата на нејзиниот сопруг Tidal, а нејзината долгоочекувана концертна турнеја насловена како „Formation“ започнува веќе од овој викенд со прв концерт во Мајами.