„Билборд награди“: Меган Фокс атракција на црвениот килим, Мери Џ. Блајџ прогласена за Музичка икона

16 мај 2022

Вчера во Лас Вегас беа доделени „Билборд музичките награди".

Големиот победник на вечерта беше Оливија Родриго, која освои награди во седум категории, меѓу кои и за најдобар Албум за „SOUR", за најдобар Нов артист, како и за најдобар Глобален артист. Меѓу најнаградуваните артисти беше и Дрејк кој беше прогласен и за Топ артист, Рап артист, а неговиот албум "Certified Lover Boy" го доби признанието за Топ рап албум.

Ѕвездата на вечерта, Оливија Родриго, не се појави на црвениот килим, ниту на церемонијата, но затоа пак, најголема атракција од моден аспект беше Меган Фокс.

Облечена во припиена црна тоалета, дело на дизајнерот Дејвид Кома, инаку препознатлив по скулптуралните силуети, беше најпривлечна за модните репортери. Длабоко деколте, висок шлиц и ракавици со извезени елементи, се покажаа како вистински стилски избор што Меган знае да го износи.

Раперката Доџа Кет исто така одбра црн макси фустан, дело на модната куќа Скјапарели, од нивната последна „haute couture" колекција.

И токму макси тоалетите, во тесен крој, со асиметрични исечоци и најчесто во црна боја, беа најчестиот избор на дамите што продефилираа на свечениот килим. Она што можеше да се воочи во стилски контекст е дека ракавиците доминираа како моден детаљ, што е и очекувано со оглед на тоа дека се вистинска тенденција оваа сезона. Но, од друга страна, не изостануваше ниту невкус и беспотребна голотија, кои редовно го расипуваат модниот впечаток.

Во однос на официјалниот дел, како еден од најинтересните моменти се издвои доделувањето на наградата за Музичка икона, која Џенет Џексон и ја врачи на Мери Џ. Блајџ, како признание за нејзината исклучителна музичка кариера.

Низ фотографиите во продолжение, ви доловуваме дел од амбиентот.

Фото: Daily mail

Објавено:
16 мај 2022
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
2.915 пати