Актерот Џон Траволта неодамна уште еднаш се потсети и го сподели своето искуство од посетата во Белата куќа во 1985 година, каде беше повикан во чест на принцезата Дајана.
Фотографијата од нив двајца како танцуваат низ годините стана култна, сведоштво за еден момент за кој Траволта ќе признае дека бил како од бајките.
„Се чувствував како вишок во просторијата која беше исполнета со многу важни луѓе. Се чувствував минорно. Некаде околу 22 часот, Ненси Реган ме потапка по рамото и ми шепна: „Принцезата има желба да танцува со тебе. Би сакал ли и ти да танцуваш со неа вечерва“, што секако прифатив“, раскажува актерот.
Потоа следело упатство - на полноќ ќе му пријде Ненси повторно и ќе го однесе до Лејди Ди, по што тој ќе ја замоли за танц.
„Додека ѝ се приближував, моето срце чукаше се' посилно. Ми беше свртена со грб, па ја допрев за рамото. Се сврте кон мене и ме поздрави со нежна насмевка и тој нејзин поглед по малку тажен . Ја прашав дали сака да танцува со мене, а таа кратко одговори - „да“.“
Тогаш и двајцата се упатуваат на танцовиот под во Крос салата во Белата куќа.
„Ја земав за рацете и веќе ништо не постоеше околу мене. Имав чувство како да танцувавме 15 минути. Беше навистина магично искуство. Момент од бајките. На крајот се поклонивме еден на друг и секој од нас замина на своја страна. Мојата кочија повторно се претвори во тиква“, вели Џон за искуството кое доживотно ќе го памети.
Инаку, фустанот што Дајана го носеше таа вечер, после оваа случка беше наречен „Траволта фустан“. Во него се појави уште еднаш на премиера на филмот „Вол Стрит“ во 1988 година.
На крајот, фустанот e купен на аукција за 280.000 долари од „Historic Royal Palaces“ и оттогаш е поставен во Кенсингтон палатата во изложбен салон.
Инаку, креацијата од кадифе во темна кралско сина нијанса беше дело на дизајнерот Виктор Еделстин.