Ѕирнете во уникатниот винтиџ плакар на креативната уредничка на Вог Сели Сингер

27 јуни 2014

Да бидеме искрени, кога говориме за Вог, веќе знаеме дека сите таму имаат истенчен и уникатен стил. Но, една од девојките се издвојува по нешто единствено, нешто супер софистицирано, но истовремено толку винтиџ – креативната директорка на Вог, Сели Сингер.

Таа има неверојатни парчиња во својот плакар, од кои најголем впечаток дефинитивно ни оставија нејзините чевли што таа ги има во огромен број.

Креативната и уникатна Сели Сингер живее во уште поуникатен апартман во Челзи Хотелот во Њујорк, утрата обожува да ги започнува со ладно кафе, по што заминува на работа со нејзиниот винтиџ велосипед секогаш во потпетици и одлични комбинации.

Иако одреден период таа беше дел од T Magazine, во 2012 година, на барање на Ана Винтур, Сели се врати во Вог на нејзиното ново создадено работно место – креативен дигитален директор на магазинот.

„Најубавото нешто во дигиталното размислување е тоа што никогаш не си поставувам граници во моите аспирации во однос на проектите во Вог, а сите знаеме дека тоа е бренд во кој сум заљубена целиот мој живот“, вели Сели.

Во нејзиниот плакар ќе најдете секогаш само и само уникатни работи – од нејзините широки и лелеави фустани па сѐ до Ланвин чевлите во кои таа е вистински вљубена.

„Не можам да ги разберам луѓето што велат дека модата е површна. Како и да е, јас ниту едно утро не сум видела гол човек на улица, сите секогаш, вака или онака, се дотеруваат“, вели Сели.

Дека таа навистина, секогаш знае да ги одбере вистинските парчиња, доказ се и интересните фустани во нејзиниот плакар, за кои таа ќе каже дека скоро секогаш, сака да се со принт.

Кога станува збор за модните додатоци, многу често одбира клач чанти кои што секогаш раскажуваат некоја приказна. Истото е случај и со накитот, за кој секогаш сака да е впечатлив, а особено ги обожува прстените и масивните обетки.

Во продолжение, погледнете ги одличните фотографии направени во нејзиниот уникатен дом во Челзи Хотелот.

Објавено:
27 јуни 2014
Категорија: 
Сцена