Некои холивудски остварувања ја слават силата на жената во сиот нејзин сјај. Од талентирани уметници, преку самохрани мајки до научници - жените, со своите постигнувања се неисцрпна инспирација за филмското платно. Инспирирани од вистински приказни, ова се неколку филмови каде жената е главен лик, а кои вреди да ги погледнете.
FRIDA
Селма Хаек ја толкува улогата на Фрида Кало, сликајќи филмски портрет за страста, работата, љубовта и животот на уметницата.
ERIN BROCKOVICH
Филмот кој на Џулија Робертс и' донесе Оскар за најдобра главна женска улога во 2001. Биографскиот филм се фокусира на Ерин Брокович, самохрана мајка која одвај крпи крај со крај. Но, благодарение на нејзината упорност и одлучност, успева да ја порази легално огромната електрична компанија PG&E која со години ги труе граѓаните со отровна вода. Спогодбата изнесувсла 333 милиони долари, а Ерин Брокович нема никакво правно образование.
SUFFRAGETTE
Ако сакате најживописен приказ на тоа што сè жртвувале жените во минатото за да ги добијат своите права и правата кои ги имаме денес, тогаш дефинитивно треба да го погледнете овој филм. Главната улога ја толкува Кери Мулиган, а покрај неа се појавуваат и Хелена Бонам Картер и Мерил Стрип.
JACKIE
Холивуд им обрнува многу малку внимание на првите дами, но токму овој филм докажува зошто нивната страна на приказната треба да е слушната. Актерската игра на Натали Портман е фасцинантна, а во филмот може да се види тагата на Џеки Кенеди и агонијата со која е соочена откако станува вдовица, и заедно со децата е принудена да ја напушти Белата куќа, одржувајќи ја својата отменост во очите на јавноста.
LADY SINGS THE BLUES
Изведбата на Дајана Рос во улогата на Били Холидеј се смета за еден од најубавите кинематографски моменти во 1972 година. Затвор, хероин, расизам и свилен глас.
HIDDEN FIGURES
Во 2017 филмот беше номиниран за Оскар, а се работи за три исклучително талентирани Афроамериканки кои со своето знаење се клучни во испраќање на астронаутот Џон Глен во орбитата на Земјата, но се соочуваат со секаков вид дискриминација попатно.
A PRIVATE WAR
Росамунд Пајк ја толкува главната улога на славната новинарка Мари Колвин која известувала од воените зони ширум светот. Без разлика на опасностите со кои се соочувала, Колвин била решена да ја пренесува вистината за хоророт кој се случува во светот. Го изгубила видот на едното око во напад, страдала од сериозно пострауматско стресно растројство како последица на она што го видела, а во 2021 е убиена во Сирија.
COCO BEFORE CHANEL
Едноставно кажано, Коко Шанел го променила начинот на кој жените се облекувале, а во овој филм, со Одри Тату во главната улога, е прикажан нејзиниот живот, детството, добивањето на прекарот Коко, идеите кои ја движеле кон промени и љубовните приказни кои ги живеела.