Големите рефлекторски светла деновиве на Француската ривиера ќе и донесат една малку поинаква светлина. Почнувајќи од вчеравечер официјално започна 67-мото издание на најпрестижниот филмски фестивал во Кан. Премиерниот старт на фестивалот беше во знакот на кралскиот и блескав почеток, со оглед на фактот дека честа да го отвори му припадна на филмот „Принцезата од Монако“, каде главната улога ја толкува австралиската холивудска дива Никол Кидман. Екипата која што беше дел од снимањето на филмот, но и многу други познати славни лица кои грациозно прошетаа низ црниот килим презентирајќи неверојатни изгледи и модни комбинации кои што несомнено овие единаесет дена колку што трае фестивалот, постојано ќе бидат во центарот на вниманието на сите медиуми во светот.
Холивудското ѕвездено небо, вчера се досели на брегот на француската ривиера и на црвениот килим блесна со сиот свој сјај и убавина. Прекрасната Никол Кидман на отворањето пристигна облечена во бел коктел фустан, со должина до под колена украсен со инвентивен дизајн на кројот, потпишан од Алтузара и сандали дело на модната куќа Ели Сааб, едноставна шминка која што е акцентирана со впечатливиот црвен кармин и брановидна фризура во стилот на Џеки Кенеди. За вечерната премера на филмот се појави во неверојатно гламурозно издание. Долгата тоалета изработена од сина тантела и попрскана со Сваровски кристали е дел од пролетната колекција за 2014 година на Армани Прајв.
Низ ѕвездената толпа, „фотообјективите“ најмногу се возбудија кога по долгиот црвен килим помина младата и шармантна „озборувачка“, Блејк Лавли, која беше облечена во темно црвена долга тоалета со провокативен шлиц, дело на модната куќа Гучи. Американската актерка Зое Салдана пристигна заедно со убавата Блејк Лавли. Салдана позираше во бела долга тоалета со плисирано здолниште и плисиран детаљ на деколтето, креација на Викторија Бекам.
Американскиот модел Карли Клос на отворањето на филмскиот фестивал во Кан се појави во креација, дизајнирана од тиркизна, темно виолетова и црна тантела, дело на неприкосновениот Валентино, надополнета со ексклузивен и софистициран накит, потпишан од Шопар и фризура намотана во задниот дел на вратот во стилот на грчките божици.
Свое деби појавување на црвениот килим и воопшто на филмскиот фестивал имаше Кендал Џенер, која што се појави облечена во монохроматска креација на Шанел. Француската актерка и поранешен модел на брендот Шанел, Карол Букет, остана доследна на куќата за која што настапуваше на модните писти во младите години. За официјалното отворање Карол носеше дводелна комбинација на здолниште со блуза на прерамки, креирани од лесен материјал и обоени со впечатлива палета од интензивни бои. Додека за вечерната премиера на филмот, Букет можевме да ја видиме во софистицирана бела долга тоалета украсена со рачна апликација на цветови од тул и блескави светки која нежно се влечеше во задниот дел.
Актерката Паз Вега се чини дека за својот изглед на црвениот килим одбра креации од најдобрите мајстори на сите времиња. За дневното појавување таа блесна во коктел фустан микс од темно сина и темно зелена нијанса со едноставен крој кој што ја нагласуваше нејзината идеална силуета, дело на Зухаир Мурат и чевли во магента розова боја, потпишани од Кристијан Лубутан. Накитот, односно прстените и алката за оваа комбинација се специјално избрани од колекцијата за накит на Шанел. За вечерашната премиера на филмот со кој што и официјално се отвори 67-мото издание на Канскиот филмски фестивал, Вега се појави во прекрасна креација во бела боја, изработена од транспарентен материјал на кој што му се додадени микс од бисери, монистра и светки во сјајна бела боја што нежно се нижат низ нејзиното тело. Чевлите се во беж боја и повторно се дело на Кристијан Лубубтан, а накитот е специјално избран од Шопар.
Францускиот модел, Летиција Каста, исто така беше дел од големото отворање на филмскиот фестивал, на црвениот килим се појави во кристална креација на Кристијан Диор, изработена главно од органза.
Под светлата на блицовите, рефлекторите и камерите, поминаа голем број познати личности не само од филмскиот свет, туку и од бизнис елитата, музичката и модната индустрија. Филмските игри започнаа, проследете кои ѕвезди исто така „украдоа“ дел од фокусот на медиумите и се најдоа на листата за особено стилски, гламурозни и префинети диви и џентлмени.