Меган Маркл во интервју за Variety порговори за кралицата Елизабета, за нејзината работа со Хари и враќањето во Холивуд

20 октомври 2022

Војвотката од Сасекс, Меган Маркл, го покрива новиот број на Variety со ексклузивно интервју и фотосесија, што всушност требаше да се случи минатиот месец.

Првичната идеја беше Меган да биде една од жените наградени на овогодинешниот настан „Моќта на жените", како признание за нејзината филантропска работа преку Archewell, како што е нејзиниот поткаст Archetypes и останатите креативни активности кои ги спроведува заедно со нејзиниот сопруг, принцот Хари.

Фото: variety.com

Но, смртта на кралицата Елизабета Втора ги одложи тие планови, преместувајќи го интервјуто за посоодветен момент, кога кралскиот период на жалост ќе заврши. Се чини дека тој момент конечно пристигна во текот на вчерашниот ден, а публиката на Variety ја доби ексклузивната прилика да го проследи ажурираното интервју.

Интервјуто во кое војвотката опфати голем број важни теми беше проследено со фасцинантни фотографии, дело на Рамона Росалес, на кои Меган позира во луксузни дизајнерски креаиции, меѓу кои фустан на Џејсон Ву за кој се смета дека чини 4600 фунти, креација од Каролина Херера од 2700 фунти и фустан од Галвин од 1395 фунти.

Фото: variety.com

Но и покрај тоа, интервјуто има задача да ја потенцира нејзината „приземјеност и обичност", потсетувајќи ја публиката дека таа всушност е „само обична мајка која ужива да гледа „Jeopardy!", да игра Wordle пред спиење, и да му ја „рапува песничката за Tyrannosaurus rex на нејзиниот мал син."

Во интервјуто, војвотката исто така зборува за времето по смртта на кралицата.

„Имаше толку голем излив на љубов и поддршка. Благодарна сум што можев да бидам со мојот сопруг да го поддржам, особено во тој период. Убаво е да се погледне отпечатокот кој неговата баба го остави на повеќе фронтови. Секако, во однос на женското лидерство, таа е најсјајниот пример како тоа изгледа. Чувствувам длабока благодарност што успеав да поминувам време со неа и да ја запознаам. Комплицирано време е, но мојот сопруг, кој секогаш е оптимист, рече: 'Сега таа е повторно обединета со својот сопруг'.", изјави Меган и дополни, „Се потсетив на нашиот прв заеднички јавен настан, колку беше специјално. Се чувствувам како среќничка. Горда сум што имав таква топлина со матријархот на семејството".

Фото: variety.com

Во однос на успехот постигнат со првата сезона на „Archetypes", нејзиниот поткаст кој има за цел да ги сруши стереотипите за жените, Меган се осврнува и на заблудите кои луѓето ги имаат за неа.

„Мислам дека она што се случува, гледајќи однадвор, кога има толкава врева, е дека стануваш дехуманизиран. Но, ако се присетите дека некој е човечко суштество, тогаш го менувате начинот на кој се однесувате со него и на кој му зборувате. Се надевам дека преку „Archetypes", ставот на луѓето за мене ќе биде „О! Таа е вистинска личност! Таа се смее и поставува прашања и им приоѓа на работите со љубопитност".

Дополнително, таа проговори за нејзиното интервју со Парис Хилтон, откривајќи дека во минатото и самата имала погрешно негативно мислење за неа кое комплетно се сменило по разговорот. Таа тема претставува преод кон едно подлабоко емотивно соголување на Меган, кога во еден момент таа проговорува за своето детство, начинот на кој пораснала и чувствата на несигурност и завист со кои се борела како тинејџерка.

Во остатокот од интервјуто Меган зборува за нејзината актерска кариера, како и филмската индустрија во Холивуд, потенцирајќи дека нејзините актерски денови се завршени, но дека за неа важи изреката „никогаш не вели 'Не!'". Сепак, Меган открива дека доколку нејзините деца во иднина посакаат да започнат кариреа во забавната индустрија, таа би ги поддржалаа.

Фото: variety.com

„Ќе речам 'Супер!'. Кога си родител, искрено сакаш децата да ги најдат нештата кои им носат радост. Тие се наши деца и се дел од наследство, традиција и семејство кое ќе има други очекувања. Но, јас сакам тие да можат да го оформат нивниот пат".

За самиот крај, Меган открива дека таа и нејзиниот сопруг, принцот со Хари, делат канцеларија и работат од дома. Тоа им овозможува да минуваат повеќе време со децата.

Фото: variety.com

„Ние делиме канцеларија. Работиме од дома, како што почнаа повеќето луѓе за време на карантинот. Тоа ни дозволува да поминуваме значително време со нашите деца во овој посебен период од нивните животи. Никогаш нема да го вратиме ова време" – вели таа.

Фото: variety.com

Објавено:
20 октомври 2022
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
524 пати