По цели осум години во Белата куќа, првата дама на САД вели дека е време да си заминат. Заедно со претседателот Барак Обама и нивните две ќерки во Јануари тие ќе ја напуштат Белата куќа и местото ќе му го препуштат на семејството Трамп кое ќе ги наследи.
За последен пат во улога на прва дама, прекрасната Мишел се појави во магазинот Вог фотографирана од Ени Лебовиц на локации во Белата куќа.
Во ексклузивното трето интервју за модната библија, таа вели дека ќе и недостасува погледот со кој се будела цели осум години, но и многу други работи.
„Но, од друга страна, време е. Два мандата, осум години. Доволно е. Мора со едната нога да сте во вистинскиот свет кога имате пристап до ваква моќ. Живеењето во Белата куќа е тотално изолирано“, вели таа во интервјуто.
Претседателот Обама за магазинот изјавил дека таа никогаш и не сакала да биде прва дама, но дека тоа било функција која мора да ја прифати.
„Отсекогаш знаев дека таа одлично ќе се снајде во улогата и дека ќе остави нејзин, уникатен печат во историјата. Тоа е така бидејќи сите ја гледаат онаква каква што таа вистински е, онаква каква што јас ја гледам и ја знам. Брилијантна, смешна, дарежлива жена која поради некоја причина, се согласи да се омажи за мене“, во смеа вели претседателот Обама за Вог.
Во годините додека таа беше прва дама, Мишел работеше на бројни кампањи меѓу кои и оние за здрава исхрана на децата низ државата, многу образовни иницијативи, стана модна икона, се дружеше со сите, одеше на концерти и ТВ шоуа, пееше со Џејмс Корден и секогаш имаше фасцинантни говори.
„Сѐ што правиме сами го бираме. Можев да поминам осум години правејќи што сакам, и тоа можеби ќе беше во ред. Можев да се фокусирам на цвеќиња. Можев да декорирам. Можев да се забавувам. Бидејќи секоја прва дама сама ја дефинира улогата. Вие не сте избрани, па затоа и немате некои конкретни обврски. И морам да признаам дека тоа е прекрасна слобода“, изјави Мишел во интервјуто.
Откако неодамна Доналд Трамп беше избран за претседател на САД, многумина од разочараните граѓани побараа на следните избори да се кандидира токму Мишел Обама, на што советниците во Белата куќа и пријателите на првата дама одговорија со категорично „не“.