Моден некомформист и уникатен музички артист – Ерика Баду

8 октомври 2014

Рикардо Тиши реши да ја ангажира музичката дива за пролетната колекција, сметајќи дека токму таа ќе се вклопи со африканските и јапонски детали на парчињата. Баду со задоволство прифати да биде дел од мултикултурната колекција, за чија рекламна кампања беше ангажирано познатото фотографско дуо Мерт и Маркус, со кои претходно има соработувано за кампања за Том Форд.

Соработката на Тиши и Баду започнува откако тој и нуди соработка, односно да биде заштитно лице на пролетната колекција на Живанши, а обостраното задоволство кулминира со рекламна кампања, која ја слави различноста во однос на културните и расни разлики, но овој пат споени во заедничка модна приказна.

Во однос на маркетингот, Ерика смета дека токму социјалните мрежи се пресудни во рекламирањето, а исто така тие се и можност за секоја индивидуа да биде забележана доколку има талент или стил по кој би се издвоила од останатите. Иако ги обожава Наоми Кемпбел и Ријана, смета дека токму пејачката од Барбадос успеа да направи успешен спој на музиката и модата.

Токму за музиката смета дека е терапија за душата. Таа не е само изведувач, туку директно е инволвирана во пишувањето на текстовите и во продукцијата на песните. Од лансирањето на првиот деби албум во 1997 година, Ерика Баду е позната по тоа што не прави балансирање во однос на работите кои ги сака и токму таа карактеристика ја прави уникатна не само на музичката сцена, туку и во модната индустрија. Ерика Баду е стилска икона која ги руши стереотипите и бариерите со својот талент, но и препознатлив стил.

Објавено:
8 октомври 2014
Категорија: 
Сцена